ПОВЕЌЕ

    СЕ НАМАЛУВААТ КАМАТИТЕ НА КРЕДИТИТЕ, но и за депозитите има изненадувања

    Време зa читање: 3 минути

    Банките имаат пари за да можат да ги поддржат и фирмите и граѓаните. Податоците од Народната банка зборуваат за раст на депозитите и кредитите и за подобрување на кредитното портфолио. Банките, пак, имаат бројни промоции за прибирање нови депозити и пласирање кредити, што укажува на висока динамичност на секторот.

    Покрај намалување на каматните стапки за кредитите, добра вест е истовремен раст на каматните стапки за вкупните депозити. Сепак, кај новите депозити има пад на каматната стапка. Ако се прелистаат понудите на банките може да се открие и подобра каматна стапка за новопримен депозит.

    КАКВА Е ДИНАМИКАТА НА КАМАТНИТЕ СТАПКИ?

    Во септември годинава просечната каматна стапка на вкупните кредити била 4,85 насто, додека во септември 2024 година изнесувала 5,41 насто, покажува новиот извештај од Народната банка. Намалување на просечната каматна стапка на кредитите има и кај домаќинствата ‒ од 5,66 насто ланскиот септември на 5,24 насто овој септември, како и на корпоративниот сектор, од 5,15 на 4,46 насто.

    Во однос на новоодобрените кредити, просечната каматна стапка во септември била 4,47 насто, а во септември 2024 година изнесувала 4,98 насто. Кај корпоративниот сектор намалувањето е од 4,78 на 4,36 насто , а кај домаќинствата од 5,27 на 4,61 насто.

    Каматни стапки на кредити во септември 2024 година и во септември 2025 година (во % на годишно ниво)

    Извор: Народна банка

    Просечната каматна стапка на вкупните депозити во септември била 2,20 насто, а пред една година изнесувала 2,01 насто. Притоа, кај домаќинствата имало раст од 1,97 на 2,14 насто, додека кај корпоративниот сектор од 2,34 на 2,60 насто.

    За жал, оваа динамика не ја следат и каматите на новопримените депозити. Просечната каматна стапка на вкупните депозити во септември 2024 година била 2,60 насто, а овој септември се намалила на 2,23 насто. Кај корпоративниот сектор намалувањето е од 2,14 на 1,73 насто, а кај домаќинствата од 2,79 на 2,45 насто.

    Каматни стапки на депозити во септември 2024 година и во септември 2025 година (во % на годишно ниво)

    Извор: Народна банка

    ВРЕДИ ДА СЕ ПРЕБАРУВА

    Иако кога се зборува за камати обично се мисли на каматите на кредитите, многу важни се и каматите на депозитите.

    Заклучно со септември, вкупните депозити што ги имаат граѓаните и фирмите во банките се 10,2 милијарди евра, а истовремено, пласираните пари во кредити изнесуваат 8,7 милијарди евра, покажува извештајот од Народната банка.

    Во потрага по подобри камати се издвојува Промо депозитот на Халк банка (Македонски – Промо Депозит) кој важи од 1.10 до 31.12.2025 година. Минимален износ за вложување е 30.000 денари, или 500 евра. Рокот на орочување е 13 месеци, а каматната стапка за денарски депозит е 3 насто, додека за орочени средства во евра или во долари е 2 насто.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично