ПОВЕЌЕ

    ОПШТИНА ГАЗИ БАБА – Срце на фармацевтската и металната индустрија

    Време зa читање: 4 минути

    Општина Гази Баба е сместена во источниот дел од Скопската Котлина. Поголемиот дел од територијата во централниот, југозападниот и јужниот дел се наоѓа во рамница под обработлива површина (65 насто од вкупната територија) со неколку височини, во северниот дел од општината кај паркот шума Гази Баба и во централниот дел во месноста Камник, а во источниот дел од општината е планинскиот дел Скопска Црна Гора.

    Името на Општина Гази Баба е во чест на османлискиот поет Ашик Челеби, кого го викале и Гази Баба. Тој живеел во Скопје во 16 век, бил кадија и неговото турбе е токму во оваа Општина, но по скопскиот земјотрес останало под урнатините.

    Денес, во оваа општина живеат многу компании. Анализата на порталот Пари во соработка со Бизнис мрежа покажува дека вкупниот приход на десетте фирми со најголем промет е 1,2 милијарди евра и е речиси ист како во 2023 година. Вкупната добивка на десетте најпрофитни фирми во општината изнесува 146 милиони евра, додека во 2023 година истите тие фирми заедно направиле профит од 101,7 милиони евра. Оваа општина се издвојува и по бројот на вработени. Кај десетте најголеми работодавачи од Гази Баба лани имало дури 7.248 вработени, а претходната година нивниот број изнесувал 7.021.

    Извор: Бизнис Мрежа

    КОНЦЕНТРАЦИЈА НА ГИГАНТИТЕ

    Не е за изненадување што во општината Гази Баба се прават големи приходи ако се земе предвид дека таму е адресата на Алкалоид, Макстил, ТЕ-ТО, Пивара…

    Овде се сместени гигантите коишто постоеле уште во времето на Југославија, а во духот на индустријализацијата се граделе на периферијата од градот.

    Со најголем приход во Општина Гази Баба може да се пофали АЛКАЛОИД. Оваа фирма лани направила промет од 229 милиони евра.

    На второ место е ТЕ-ТО, која ја има когенеративната гасна централа од каде се добиваат солидни количини на електрична енергија и од каде што доаѓа поголем дел од топлинската енергија за централното греење. Оваа компанија лани направила промет од 154,8 милиони евра.

    На трето место е трговскиот синџир СТОКОМАК, кој може да се пофали со промет од 153,4 милиони евра.

    ПИВАРА има своја приказна уште од 1922 година, а ланскиот промет ѝ бил 138,4 милиони евра. Веднаш зад неа е челичната индустрија во закрилата на МАКСТИЛ, која имала промет од 137,9 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ДОБИВКИ И НАД ДВАЕСЕТИНА МИЛИОНИ ЕВРА

    Во Општина Гази Баба царуваат добитниците на Алкалоид, ТЕ-ТО, Пивара, Казинос Аустрија, Макстил, МАК аутостар. Овие компании ги има и меѓу најприходните, но редоследот на листата ТОП 10 по добивка се разместил, со тоа што на врвот останал нечепнат АЛКОЛОИД, кој има и најголем приход, а и најголема добивка.

    Извoр: Бизнис Мрежа

    Од сите ТОП 10 компании по добивка, најголем раст има Алкалоид, со респектабилни 8,4 насто. Две компании не успеале да го одржат нивото од 2023 година, па имаат пад на добивката. Трговецот со моторни возила МА ТРУСТ има пад на добивката од 11,6 насто, додека МАКСТИЛ ја намалил добивката за 4,5 насто.

    АЛКАЛОИД Е ЛИДЕР И ПО ВРАБОТУВАЊА

    Троен добитник на листите на ТОП 10 најдобри во Општина Гази Баба е Алкалоид. Компанијата е најдобра по приход, по добивка, но и по број на вработени. Лани имала 2.209 вработени, што е повеќе за 172 вработени во однос на 2023 година.

    Во Општина Гази Баба и другите работодавачи во ТОП 10 имаат по стотици вработени, а на дното од листата е Европа со 370 вработени, што е помалку во однос на 2023 година, кога имала 389 вработени.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Општината Гази Баба може да се пофали дека има компании од минатиот век, а најдолга традиција има Пивара. Компаниите успешно опстојуваат и се надградуваат.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично