На отворањето на промотивниот штаб во Капиштец, кандидатот за градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, вчера оцени дека во изминатите четири години Центар функционирал како „современа, транспарентна и европска општина“. „Први во Македонија, формиравме јавно претпријатие за енергија, и поставивме фотоволтаични системи на кровот во најдоброто училиште во државата, Киро Глигоров. Поставени се фотоволтаични панели на градинката „Пепелашка“, како и пред две недели беа поставени и во училиштето „Св. Кирил и Методиј“. Не чека уште работа за граѓаните, и ние тоа го знаеме, точно знаеме што треба да се направи, затоа што тоа го случавме од нашите сограѓани“, рече Герасимовски.
Како реализирани проекти ги посочи изградбата на градинката „Пролет“, реконструкцијата на сите основни училишта и нивните спортски сали, обезбедувањето ученички униформи, поставувањето „смарт“ јавно осветлување и засадувањето околу 2.000 високостеблести садници. „Работев за сите граѓани поеднакво, без разлика на различностите,“ рече тој, најавувајќи дека во програмата за нов мандат ќе влезат „конкретни проекти со јасни рокови“ кои ќе стартуваат веднаш по изборите.
Во делот на комуналното уредување, кандидатот информираше дека целосно е партерно и хортикултурно уреден паркот од „Зебра“ до „Беверли“, а реконструирани се две детски и две спортски игралишта. Од инфраструктурните зафати ги издвои реконструкциите на улиците „Козара“, „Шарски одред“, „Елисие Поповски“, „Антон Панов“ и „Адам Мицкијевич“, како и поставување нова урбана опрема, зеленило и ЛЕД-осветлување на повеќе локации. Дополнително, општината, како што наведе, обезбедила субвенции за нови лифтови и кровни конструкции на дел од зградите на „Козара“ и „Народен фронт“.
За јавната хигиена, тој нагласи дека општинските служби „одржуваат стандарди“ и во услови кога, според неговата оценка, „целото Скопје се распаѓа во ѓубре и смет“.
За следниот мандат, кандидатот најави нов административно-граѓански центар на Општина Центар, како и „центарска картичка“ со попусти за жителите. Во социјалната сфера, плановите опфаќаат дом за стари лица и нова градинка во близина на Клиничкиот центар. Во образованието и спортот, Герасимовски најави две покриени базени во две училишта, наменети за настава по физичко, спорт и рекреација. Во делот на паркирањето, најави две монтажни катни гаражи со околу 900 нови паркинг-места.
„Продолжуваме уште посилно, со конкретни и остварливи проекти што ќе ја унапредат нашата заедница. Центар ќе биде уште позелен, похуман и поуреден,“ порача Герасимовски на отворањето, оценувајќи дека општината го има „капацитетот и ресурсите“ за да го одржи темпото на инфраструктурни и социјални вложувања.
Отворањето на промотивниот штаб во Капиштец доаѓа во финишот на кампањата за локалните избори, во која темите како јавна хигиена, паркирање, енергетска ефикасност и уредување на јавниот простор се меѓу приоритетите за центарци. Очекувањата се во наредните денови општинскиот штаб да објави и поопфатен календар со динамика на проектите, проценети буџетски рамки и извор на финансирање.