ПОВЕЌЕ

    НОВИ 19,4 МИЛИОНИ ЕВРА ОД УНГАРСКИОТ КРЕДИТ преку Развојната банка за инвестициски проекти

    Време зa читање: 2 минути

    Владата продолжува со поддршка на инвестициските активности на домашните компании, обезбедувајќи нова транша средства преку Развојната банка. По поволни услови од унгарската Експорт-импорт банка, на сметките на Развојната банка се префрлени 1,2 милијарди денари, односно околу 19,4 милиони евра.

    Овие средства се наменети за кредити кои компаниите ќе ги обезбедат преку комерцијалните банки за реализација на инвестициски проекти. Со оваа последна исплата, вкупната поддршка што досега е насочена кон домашната економија преку оваа владина мерка достигна 190,5 милиони евра.

    Во Буџетот за 2025 година проектирани се дополнителни 250 милиони евра наменети за нови инвестициски вложувања во приватниот сектор. Очекувањата се дека со овие средства ќе се поттикне инвестициски циклус во вредност од приближно 300 милиони евра.

    Овој унгарски заем, иако поттикна бројни реакции, се цени како значаен за домашните компании, токму поради условите предвидени за користење на тие средства. Рокот на отплата е до 15 години (со вклучен грејс-период од три години). Притоа, се пресметува фиксната каматна стапка од 1,95 проценти. За бизнисите е важно што оваа кредитна линијата обезбедува долгорочен и евтин капитал за модернизација на капацитети, за енергетска ефикасност и за проширување на производството. Инвестиции што тешко можат да се финансираат со класичните пазарни кредити во услови кога опцијата е каматна стапка од близу пет проценти.

    На овој начин досега се финансирани проекти кои опфаќаат градежни зафати, набавка на опрема, на транспортни средства, а се насочуваат и кон обновливите извори на енергија. Најголем дел од средствата завршуваат кај малите компании, а поддршка добиваат и микро, средните и големите претпријатија во чиј фокус е производството. А, исходот ќе зависи од квалитетот на проектите кои се финансираат со унгарски пари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично