Во последните години Европа се соочува со еден од најчувствителните удари врз стандардот на граѓаните – растот на цените на храната. Додека инфлацијата во еврозоната значително се намали, па од врвот од 10,6% во октомври 2022 година денес се движи околу 2%, храната остана тврдоглаво скапа и продолжи да ги оптоварува семејните буџети. Оваа специфична состојба ја препознава и Европската централна банка, која во своите анализи ја става храната во посебен фокус како фактор што ја обликува не само економијата туку и секојдневниот живот на луѓето.
ИНТЕРВЈУ | ХЕЛЕНА ЦВЕТКОСКА: Како „Прва застапничка агенција“ го менува осигурителниот модел
Истражувањата покажуваат дека во просек, потрошувачите во еврозоната денес плаќаат околу една третина повеќе за основни прехранбени производи во споредба со периодот пред пандемијата. Во Белгија поскапувањето изнесува околу 38%, додека во балтичките земји и Унгарија надминува дури 50%. Естонија се издвојува со раст на цените на храната од 57% во однос на 2019 година, додека Кипар е на спротивниот крај со зголемување од 20%. Ваквите разлики произлегуваат од различната изложеност на ценовни шокови, на трошоците за енергија и работна сила, но и од различните услови во земјоделството.
Причините за овој нагол скок се повеќеслојни. Руската инвазија на Украина предизвика шок на енергетските пазари и пораст на цените на гасот и ѓубривата, што директно ги поскапи производствените процеси во аграрниот сектор и хранителната индустрија. Дополнително, кризата ја зголеми побарувачката за повисоки плати, а тоа се одрази во конечната цена на полиците. На глобално ниво, растот на приходите во земјите во развој ја зголеми побарувачката за земјоделски производи, врзувајќи уште еден притисок врз цените. Климатските промени пак, станаа фактор што сè потешко може да се игнорира: сушите во Шпанија драстично го зголемија цената на маслиновото масло, додека нестабилните временски услови во Гана и Брегот на Слоновата Коска доведоа до нагли скокови во цената на какаото и кафето.
Разгледано по категории, цените на месото – говедско, живинско и свинско – се повисоки за повеќе од 30% во однос на 2019 година. Млекото поскапе за околу 40%, путерот за 50%, а какаото, чоколадото и кафето бележат уште поостри зголемувања. Ваквите поскапувања не се само статистички бројки – тие секојдневно се чувствуваат во кошниците на потрошувачите. Истражувањата на ЕЦБ покажуваат дека еден од тројца граѓани на еврозоната се грижи дали ќе може да си ја дозволи храната што ја сака. За семејствата со пониски приходи ова е уште поголем товар, бидејќи тие мораат да трошат значителен дел од својот буџет само за да обезбедат оброци.
Перцепцијата на луѓето за инфлацијата многу често се темели токму на цените на храната. Иако генералните показатели за инфлација денес се стабилизирани, впечатокот на граѓаните останува поинаков: секојдневното пазарување ги потсетува дека сè уште плаќаат многу повеќе отколку пред неколку години. Таа перцепција влијае врз инфлациските очекувања и врз барањата за плати, што може да создаде нов круг на ценовни притисоци.
Оттука, Европската централна банка сè поотворено признава дека инфлацијата на храната не е само краткорочен шок туку комбинација од циклични и структурни фактори, кои ја прават оваа категорија особено тешка за предвидување и контрола. Цените на храната денес се движат повисоко од просекот и претставуваат реален предизвик за монетарната политика. За ЕЦБ, тоа значи внимателно следење на трендовите и барање начини да се одржи стабилноста на цените во услови кога лебот, путерот и чоколадото стануваат сè поголема ставка во домашниот буџет.
Иако економијата на хартија изгледа подобро и реалните приходи се делумно надоместени со зголемувањето на платите, чувството на граѓаните е поинакво. Останува фактот дека храната, како основна потреба, остана трајно поскапа и за многумина токму таа ја диктира сликата за инфлацијата, повеќе отколку сите други економски индикатори заедно.