Општина Аеродром се наоѓа во градот Скопје, во централниот дел од Скопскиот Плански Регион, и претставува една од најмалите општини во Регионот според површината опфаќајќи приближно 1,2 процент (21,1 км2) од него. Општината е составена од едно населено место и е една од погусто населените градски средини.
Од компаниите коишто се регистрирани со седиште во оваа општина, десетте што имаат најголем промет заедно реализирале 461 милион евра, покажува анализата на Пари во соработка со Бизнис мрежа. Лани истите тие направиле промет од 392,7 милиони евра. Најголемите 10 компании по добивка во Општина Аеродром создале заедничка добивка од 19,5 милиони евра, додека во 2023 година истите тие создале профит од 16,2 милиони евра. Најголемите 10 работодавачи со седиште во Аеродром вработиле 1.660 луѓе, но тоа не значи дека сите тие работат во општината, туку дека седиштето на компанијата им е таму. Преклани тие компании имале 1.600 вработени.
ЗАЕДНИЧКИ ПРИХОД, ДОБИВКА И БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ ЛИЦА НА НАЈДОБРИТЕ КОМПАНИИ ОД АЕРОДРРОМ
Извор: Бизнис мрежа
ИГРИ НА СРЕЌА, ГРАДЕЖНИШТВО, АВТОМОБИЛИ…
Најголемата компанија во Општина Аеродром е приредувач на игри на среќа, а во топ 10 компании по приход се и градежни компании, увозник на автомобили, компјутерска фирма, трговска фирма… Всушност, многу звучни имиња имаат адреса на седиштето токму во Аеродром, но круната ја носи Друштвото за трговија и услуги ПРО-БЕТИНГ ДОО увоз-извоз Скопје, кое направило вкупен промет од дури 179,7 милиони евра! Компанијата со најнизок приход во ТОП 10 компании по приход во Општина Аеродром направила промет од 12 милиони евра и станува збор за Друштвото за производство и трговија РАДЕ КОНЧАР-ТРАНСФОРМАТОРИ И ЕЛЕКТРИЧНИ ПОСТРОЈКИ-ТЕП ДООЕЛ Скопје.
ТОП 10 компании по приход во Општина Аеродром во 2024 година
Извор: Бизнис Мрежа
Како што може да се види од податоците, освен Друштвото за трговија и услуги ПРО-БЕТИНГ ДОО – Скопје, кое има пад на приходите од 7,6 насто, сите други имаат раст на приходот, а најголемиот раст, од 335,7 насто, го има регистрирано турската градежна компанија Турмарк.
НАЈГОЛЕМАТА ДОБИВКА Е КАЈ СЕНАТОР
И најголемата добивка во Општина Аеродром е во компанија што има лиценца за приредување игри на среќа. Станува збор за Сенатор, кој се покажал како попрофитабилен од Про-бетинг и направил нето-добивка од 2,9 милиони евра. Најмалата добивка меѓу ТОП 10 компании по добивка во општината има Друштвото за производство, трговија и услуги СМЕЛТ-ИНГ ДОО Скопје и изнесува 1,1 милион евра. Потоа следува компанија од градежен сектор, трговско-услужна фирма, увозник на автомобили, друштво за изградба на електрични водови и телекомуникациски линии, производител, сервис, пекар…
ТОП 10 компании по добивка во Општина Аеродром во 2024 година
Извор: Бизнис Мрежа
СЕНАТОР Е И НАЈГОЛЕМ РАБОТОДАВАЧ
Најголем работодавач е Сенатор, но тоа не е компанија којашто ќе ги покани токму невработените од Аеродром да дојдат да работат кај неа, затоа што има свои играчници ширум земјата, па пологично е таму да работат луѓе што живеат во нивна близина, а не тие што живеат во близина на седиштето на фирмата. Општините добиваат дел од данокот од личниот доход, зависно од адресата во лична карта на вработениот.
Сенатор има 469 вработени, а најмал работодавач во ТОП 10 фирми по број на вработени во општината е Друштво за услуги ХМД КОРПОРАЦИЈА ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, кое имало 85 вработени во 2024 година.
ТОП 10 компании од Општина Аеродром по број на вработени во 2024 година
Извор: Бизнис Мрежа
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска