Редица однадвор, внатре нема „игла кај да падне“. Од левата страна, зад пултот пет-шест вработени, раздвижени како во забрзана снимка, од десната неколку масички на кои тешко се наоѓа слободно место. Мал простор, многу луѓе и мирис на свежо испечено тесто од десетиците видови печива, но со прва асоцијација, вруќ, крцкав голем ѓеврек. Тоа е секојдневието на „Свети Никола“, скопската бурекџилница на топ локација – на улицата Водњанска, наспроти Клиничкиот центар.
Во тие неколку квадрати се работи во една смена, а се прави голем промет. Притоа, треба да се има предвид дека продажните цени не го надминуваат износот од 100 денари. На пример, варениот ѓеврек е 30 денари, симит-погачата 45 денари, што претпоставува големи количини продадени производи.
Какви се ефектите од работењето, дали и колку трудот се материјализира, покажува оваа анализа на Пари, направена врз база на податоците од Бизнис Мрежа.
Минатата година, за купените производи во бурекџилницата граѓаните оставиле 30.713.420 денари. Или, речиси половина милион евра. Споредено со претходната 2023 година, прометот опаднал за нешто повеќе од еден отсто. Тогаш приходот изнесувал над 505 илјади евра.
Трошоците во фирмата на Трајанче Ѓорѓиев, која постои 25 години, се под контрола. Преклани во графата расходи биле забележани 333,6 илјади, а лани 333,9 илјади евра. Разликата е само 300 евра или плус 0,08 проценти. Тоа изгледа како голем подвиг во услови на постојано зголемување на цените, од кое сигурно не се изоставени материјалите потребни за изработка на печивата во оваа бурекџилница.
Финансискиот резултат не е прикажан како добивка, туку како нето-приход пред оданочување утврден како разлика меѓу вкупните приходи и вкупните расходи. Тука е запишан минус од 3,68 отсто и сума од 165,5 илјади евра. Во 2023 година, пак, станувало збор за близу 172 илјади евра.
Тимот на „Свети Никола“ го сочинуваат 14 вработени. Последниот бил примен на работа лани, со што во овој сегмент има раст од 7,69 насто. А, она што може да се види зад пултот, е дека обврските се поделени, се знае кој работи со храна и услужува купувачи, а кој со пари, односно наплаќа.
Од брашно и вода може да се заработи. Сепак, производството на печива и работењето со храна не е само занает и бизнис, туку и голема одговорност, пред сѐ од аспект на хигиената и квалитетот. Тоа ја гради и довербата на потрошувачите и стабилноста на бизнисот, кој и во услови на инфлација и намален промет одржува добри резултати.
М.А.