ПОВЕЌЕ

    „БИЗНИС ЛИДЕР“: Организациската култура – темел на успехот во време на промени

    Време зa читање: 3 минути

    На конференцијата „Бизнис лидер“, што се одржа во Скопје, на последната панел-дискусија акцентот беше ставен на темата „Градење на организациска култура прилагодлива на промени“. Во динамично време на економски и општествени предизвици, компаниите се соочуваат со потребата да ги зацврстат своите темели, но истовремено и да останат доволно флексибилни за да се адаптираат на нови околности. Токму на оваа тема говореа претставници од неколку водечки компании – Алкалоид, Филип Морис и Сава осигурување, кои преку свои лични искуства објаснија како корпоративната култура се гради и живее во пракса.

    Димитар Ристовски, корпоративен секретар на Алкалоид АД Скопје истакна дека компанијата има долга традиција, но и покрај тоа постојано се соочува со предизвици. „Нашата сила е во тоа што сме посветени на трајните вредности – искреност, чесност и подготвеност да помогнеме. За нас е важно секој проект јасно да се дефинира, знаењето да се споделува и никој да не биде оставен настрана. Компанијата се грижи за вработените и нивните семејства, постојано подобруваме услови и воведуваме нови бенефиции. Целта ни е да создадеме кохезија и да се стремиме кон позитивни резултати. Секоја промена на почеток носи мал отпор, но со тек на време луѓето сфаќаат зошто е потребна. Успеавме успешно да го имплементираме европскиот систем и денес многу компании го пресликуваат нашиот модел на организациска култура.“, вели Ристовски.

    Според Ивана Стојановска, сениор менаџер за комерцијално работење во Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, корпоративната култура не се мери преку лого или уреденост на канцелариите, туку преку однесувањето на вработените.

    „Вистинскиот дух на компанијата се гради во ходниците, меѓу луѓето. Вработените се ДНК на секоја компанија и токму затоа мораме да се грижиме за нив, да споделуваме искуства, да се надградуваме и да признаеме кога некој заслужува признание. Најважно е да останеме млади по дух, агилни и подготвени на промени. Организиравме панел дискусии со врвното раководство, каде што менаџерите отворено зборуваа за личните предизвици и за тоа како се справуваат со водење тимови и со промените. Прифаќаме дека грешките се дел од процесот, но исто така се и можност за учење и раст. После секоја дискусија разговараме отворено, сумираме и заклучуваме каде можеме да бидеме подобри. На тој начин успешно ја водиме транзицијата низ која минува нашата компанија.“, објаснува Стојановска.

    Мелита Гугуловска, генералната директорка на Сава осигурување а.д. Скопје нагласи дека корпоративната култура најјасно се мери тогаш кога компанијата се соочува со проблеми.

    „Додека сè е во ред, транспарентни сме и поврзани, но вистинската сила се гледа кога наидуваме на потешкотии. Начинот на кој се однесуваме едни со други во компанијата е истиот начин на кој се однесуваме и кон клиентите, а тоа е клучно за довербата и задржувањето на клиентите“, вели таа.

    Како што додава Гугуловска, луѓето по природа не сакаат да излегуваат од својата комфорна зона и често се плашат од ризици, па затоа многу време посветуваат на објаснување што ќе донесат промените.

    „Она што ја зацврстува организациската култура е поврзаноста меѓу тимовите, менаџерите и сите вработени.“, истакна Гугуловска.

    Панел дискусијата уште еднаш покажа дека организациската култура не е само документ или зборови испишани на хартија, туку жива пракса што секојдневно се гради и развива. За компаниите, тоа претставува не само начин на работа, туку и патоказ за иднината, особено во време кога промените се единствената константа.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично