ПОВЕЌЕ

    Изненадувачки бројки во банкарскиот сектор во Јадранскиот Регион: Кој е на врвот, а кој назадува?

    Време зa читање: 8 минути

    Профити во банкарскиот сектор во Јадранскиот Регион

    Првата половина од 2025 година ги обои во црвено полињата во билансите на банките во Јадранскиот Регион коишто ги споредуваат полугодишните профити од оваа година со рекордните резултати минатата година. Со исклучок на банкарскиот сектор во Словенија и во Србија, во другите држави од овој регион показателите за вкупната добивка на банките се со стрелка надолу.

    Но, тоа веројатно не загрижува многу затоа што падот, со исклучок на Црна Гора, не е драстичен, а добивките на банките во вкупен апсолутен износ и натаму се во стотици милиони евра. Како точно изгледаат бројките во билансите на банкарскиот сектор во Јадранскиот Регион, сумирани од страна на централните банки?

    Во апсолутен износ, најголема е вкупната добивка на банките во банкарскиот сектор во Хрватска, која изнесува 795 милиони евра за првата половина од оваа година, но споредено со истиот период од минатата година е намалена за 1,4 насто.

    Кај банкарскиот сектор во Словенија, пак, е регистриран најголем раст на вкупната добивка, од дури 11,1 насто. Во првата половина од 2025 година словенечките банки имаат вкупна добивка од 551 милион евра, а во истиот период лани имале 490 милиони евра. Во позитива е и банкарскиот сектор во Србија, со раст на вкупната добивка од 2 насто. Вкупниот профит на српските банки во првото полугодие изнесува 775 милиони евра, а во првата половина од 2024 година бил 760 милиони евра.

    Најголем пад на профитот, пак, има кај црногорските банки, од дури 19,8 насто. Централната банка на Црна Гора објави дека за шест месеци оваа година црногорските банки оствариле вкупна добивка од 70 милиони евра, а во 2024 година, за истиот период, оствариле 87 милиони евра.

    На што се должат овие резултати?

    Во Македонија банкарскиот сектор во првите шест месеци од годинава направи вкупна добивка од 150 милиони евра, која е за минимални 5 милиони евра пониска од минатогодишните резултати. Од овој износ, 139 милиони евра се вкупните профити на петте големи банки, а 8,6 милиони евра е вкупниот профит на средните банки. Според податоците од НБРМ, банкарскиот сектор за шест месеци од камати заработи 294,8 милиони евра, а од провизии 92,9 милиони евра.

    Народната банка на Македонија регистрира зголемен обем на кредитирање од банките, но и поголем износ на штедни депозити. Како резултат на тоа, банкарската актива на годишно ниво е зголемена за 1,8 милијарди евра и на 30 јуни изнесуваше 14 милијарди евра. Вкупните депозити на компаниите и населението, пак, достигнаа 10 милијарди евра, што е годишен раст од 1,2 милијарди евра. Растот на кредитирањето е помал и изнесува една милијарда евра, така што на крајот од јуни македонските комерцијални банки во кредити имаа пласирано 8,5 милијарди евра.

    Во првата половина од 2025 година, најголема добивка објави Комерцијална банка, во износ од 48,3 милиони евра, а следуваа Стопанска банка АД Скопје со 28,4 милиони евра и НЛБ банка со 26,2 милиони евра.

    Кај соседна Србија, пак, банкарскиот сектор во првите шест месеци од оваа година го надмина рекордот од претходната. Српските банки за половина година остварија вкупна добивка од 775 милиони евра, додека во истиот период лани имаа 760 милиони евра.

    Овој резултат главно се должи на првиот квартал (416,5 милиони евра), додека од април до јуни профитабилноста на банките е забавена (358 милиони евра), покажуваат извештаите од Народната банка на Србија. Ако и во втората половина од 2025 година го повторат резултатот од првите шест месеци, профитот ќе им биде на истото ниво од минатата година, кога остварија рекордни 1,5 милијарди евра.

    Најпрофитабилна банка во Србија е Интеса, со добивка од 134,4 милиони евра и е на пат да ја надмине претходната година. На второ место е Рајфајзен банка со 121,5 милиони евра. Следуваат УниКредит со 101,8 милиони евра и ОТП банка со 101,4 милиони евра. Големата шесторка ја заокружуваат НЛБ Комерцијална банка со добивка од 87,3 милиони евра и АИК банка со 84,5 милиони евра. Дури 81,5 насто од вкупниот профит на српскиот банкарски сектор, кој брои 19 банки, отпаѓа на овие шест банки.

    Вкупниот нето-приход од камати на српските банки изнесува 1,04 милијарди евра, што е за 40 милиони евра помалку од истиот период во 2024 година. Приходите од надоместоци и провизии изнесуваат 404 милиони евра.

    Вкупната актива на банкарскиот сектор во Србија во првата половина од оваа година изнесувала 56,7 милијарди евра и е непроменета во однос на 2024 година. На големите банки отпагаат 73 насто од вкупната актива.

    Банките што работат во Словенија остварија вкупна нето-добивка од 551,2 милиони евра во првите шест месеци од годинава, што е раст од 11,1 насто во споредба со истиот период минатата година, соопшти централната банка на Словенија. Овие импресивни резултати на словенечките банки се должат на растот од 50,4 насто на некаматните приходи, кои изнесуваат 471,9 милиони евра, додека нето-каматните приходи се намалени за 11,9 насто на годишно ниво и изнесуваат 701 милион евра. Вкупните приходи на банкарскиот сектор во Словенија се зголемени за 5,7 насто, достигнувајќи 1,17 милијарди евра.

    Кредитирањето на населението бележи раст од 7 насто, со што кредитните пласмани достигнаа 13,77 милијарди евра. Притоа, вредноста на потрошувачките кредити е повеќе од двојно зголемена, на 3,34 милијарди евра, додека вредноста на станбените кредити порасна за 6,5 насто, на 8,8 милијарди евра.

    Од друга страна, вредноста на кредитите за корпоративниот сектор се намали за 0,1 насто на годишно ниво и изнесуваше 10,06 милијарди евра, но сепак е забележан полугодишен раст од 3 насто. Растат и депозитите на граѓаните и на компаниите, така што вкупно се зголемени за 5,5 насто и на 30 јуни достигнаа 42,82 милијарди евра. Вредноста на депозитите на домаќинствата достигна 28,37 милијарди евра (+ 5 %), а на компаниите порасна за 7,1 насто на годишно ниво и достигна 10,86 милијарди евра.

    Вкупната актива на сите банки што работат во Словенија на крајот од јуни изнесуваше 56,17 милијарди евра и е за 4,8 насто поголема на годишно ниво.

    Банкарскиот сектор во Црна Гора има најлоши резултати во Јадранскиот Регион со пад на профитабилноста од 19,8 насто. Вкупната добивка на банките во првата половина од годинава изнесуваше 70 милиони евра, од кои 80 насто отпаѓаат на четирите најголеми банки. Најголема добивка оствари ЦКБ банка (26 милиони евра), а потоа доаѓаат НЛБ банка со 13,3 милиони евра, Хипотекарна банка со 10,8 милиони евра и Ерсте банка со 8,3 милиони евра.

    Според податоците од Централната банка на Црна Гора, вкупниот пад на профитот, пред сè, е последица на падот на каматните стапки, како и на помалите приходи од надоместоци. Исто така, влијае и негативниот резултат на Адриатик банка, која од добивка лани, годинава отишла во загуба.

    Сепак, кредитната активност и активата на црногорските банки растат. Вкупната актива се зголеми на 4,7 милијарди евра (+ 10,5 %), нето-кредитите достигнаа 4,25 милијарди евра (+ 16,3 %), а вкупните депозити изнесуваат 5,64 милијарди евра (+ 5 %).

    И во Хрватска има пад на профитабилноста на банкарскиот сектор, но за минимални 1,4 насто. Во првата половина од оваа година хрватските банки имаат вкупна добивка од 795 милиони евра. Показателите за профитабилноста останаа на исто ниво како и во 2024 година – приносот на актива (ROA) изнесува 1,9 насто, а на капитал (ROE) 16,7 насто.

    Вкупната актива на банките е зголемена за 3,2 насто во однос на крајот од 2024 година и изнесува 86,8 милијарди евра. Кредитирањето е намалено за 2,6 насто, најмногу под влијание на намалени пласмани во централната банка и во останати депозити по видување, но затоа кредитирањето на населението е зголемено за 7,3 насто, а на компаниите за 8,9 насто.

    Банкарскиот сектор во Федерацијата БиХ во првото полугодие од годинава има вкупна добивка од 153 милиони евра, што е пад од 8,7 насто во споредба со рекордниот резултат од истиот период во 2024 година. Првите шест месеци од оваа година дефинитивно донесоа знаци на заладување кај банките во БиХ – профитот се намали, растат притисоците врз каматните приходи, а регулаторот поставува построги барања и истакнува дека пред банките стојат нови предизвици од управување со кредитните и климатските ризици, до дигитална сигурност и поголема транспарентност кон клиентите.

    Нето-приходите од камати на 13 банки во Федерацијата изнесуваат 222 милиони евра и бележат годишен раст од 0,3 насто. Според податоците од Агенцијата за банкарство на БиХ, зголемени се и приходите од провизии за 5,4 насто и на 30 јуни изнесувале 108 милиони евра. Вкупната актива на банкарскиот сектор достигна 16,5 милијарди евра.

    Агенцијата за банкарство на Република Српска, пак, објави дека добивката на банкарскиот сектор во првата половина од годинава изнесува 71 милион евра, што претставува раст од 12 насто во однос на претходната година.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично