Акробати, жонглери, улични музичари, илузионисти и кловнови – повеќе од 20 интернационални артисти, од уличните сцени низ градовите во државава, ќе ги забавуваат граѓаните од денес па сѐ до 6 септеври. Баскер фест 2025, своето јубилејно 15. издание го започнува од Расадник во скопската Општина Кисела Вода. По пауза од неколку години, овој фестивал се одржува под мотото „Побарај ја забавата“, носејќи ја уметноста меѓу луѓето, на плоштадите, улиците и јавните простори.
Програмата ќе може да се проследи на 13 локации во девет градови. Артистите кои ќе настапат доаѓаат од сите краишта на светот – од Полска до Чиле, од Канада до Бразил. Со единствена цел, како што истакна организаторот на Баскерфест, Пане Темов, „да ја раздвижат секоја локација, да создадат моменти што се доживуваат со сите сетила и се паметат трајно“.
Караванот кој денес тргнува од Кисела Вода, утре ќе гостува во амфитеатарот во Велес, во среда ќе биде на плоштадот во Кавадарци. Во четврток настапуваат во Прилеп, исто така на градскиот плоштад, а наредниот ден артистите ќе гостуваат во Битола, пред фонтаната „Магнолија“. Викендот е планиран – сабота на плоштадот во Охрид, а недела во Тетово.
Уметничкиот караван потоа се враќа во главниот град, каде што од први па до четврти септември ќе ја забавува скопската публика. Идниот понеделник ќе биде во Општината Бутел, вторник во Аеродром, среда во Гази Баба (плоштадот во Автокоманда) и четврток е планиран за паркот во Ѓорче Петров.
Утредента уметниките перформанси ќе бидат изведени во Куманово, а последната фестивалска вечер ќе се одржи во Гевгелија е последната фестивалска вечер. Во овие градови баскерџиите ќе настапуваат на плоштадите.
Во рамките на Баскерфест ќе може да се проследи огнениот спектакл на Plucie Ogniem од Полска, театарско-циркускиот настап на Hiram Meza од Чиле, а организаторите најавија и смеа до солзи со Mr. Mostacho и неговиот уницикл-шоу „Equilibrium“, кое носи комедија, рамнотежа и многу изненадувања. Со своите кукли Carolina и Maria Beijoqueira ќе настапи Edu Boneco од Бразил, а Канаѓанецот Sean Rooney ќе покаже што е тоа балон-уметност. Перформанс ќе има и македонскиот уличен артист Кристијан Бенито, од Албанија доаѓа The Beat Killers Academy, а во улогата на статуи ќе бидат актери од Србија. За музичките перформанси е задолжен DJ MartiAn.
Сите претстави започнуваат во 19 часот. „Ги повикуваме сите љубопитни, млади по дух и срце, семејства, деца, љубители на уметноста, да ни се придружат и заеднички да ја славиме креативноста, спонтаноста и човечката поврзаност преку уметнички перформанси. Ќе биде весело, магично и незаборавно“, порача Темов.