На 22 август, Скопје ќе се запише во музичката историја – за првпат, на стадионот АРМ, ќе настапи еден од најзначајните и највлијателни уметници на нашето време, австралиската легенда Ник Кејв. Концертот, дел од неговата соло европска турнеја, е во рамките на фестивалот „Скопје колинг“ и ќе го донесе токму она што публиката го очекува од него – искуство што надминува обичен концерт.
Кејв, кој одамна го надмина статусот на фронтмен, е повеќе од музичар: поет, писател, актер, човек кој создава митови, но и ги расклопува до најситен детал. Неговите настапи се ритуали на катарза, каде што публиката не е само набљудувач – туку учесник, често со протегнати раце кон него, како во некој интимен разговор. За Кејв, уметноста не е бегство од животот – таа е единствениот начин да се соочи со него.
„Ова е момент кој го чекавме две децении,“ вели Бобан Милошески, сопственик на „Авалон“. „По концертот на Боб Дилан во 2010, за нас ова е уште еден историски настан. Од тројцата големи музички херои што ги почитувам – Боб Дилан, Ник Кејв и Брус Спрингстин – сега конечно го имаме и Кејв. Спрингстин, за жал, останува недостижен.“
Ник Кејв на сцената ќе биде придружуван од Колин Гринвуд, легендарниот басист на Radiohead, со кого има долга соработничка историја. Гринвуд и претходно бил дел од неговите турнеи, вклучувајќи ја и промоцијата на албумот Carnage (2021), создаден со Ворен Елис, како и поновата турнеја за Wild God.
Милошески во друштво на вистински хроничари на уметноста на Ник Кејв – Љубиша Петрушевски, Ненад Георгиевски, Горан Путица и Дијана Петрова ни го пренесоа животниот пат на Ник Кејв кој е исто толку драматичен колку и неговата уметност.
Неговиот живот бил патување низ светлина и темнина, исполнето со љубов, загуба, хероин, смрт и убавина. Загубата на неговите два сина во рок од неколку години, го промениле неговиот поглед кон светот и ја обликувале неговата подоцнежна музика – поемпатична, но и подлабоко катарзична. Денес, тој е уметник кој ја прифатил животот каков што е и го преточува тоа во песни што го допираат најинтимното во слушателот.
Во пресрет на концертот, македонската публика ќе може да го запознае Ник Кејв и преку страниците на „Вера, надеж и крвопролевање“. Книгата, што ја носи неговата животна и творечка приказна низ искрени дијалози со новинарот Шон О’Хеган, ќе се појави во книжарниците во Скопје од понеделник, а до 22 август ќе биде достапна по промотивна цена. Од издавачката куќа „Артконект“ истакнаа дека книгата е објавена токму во пресрет на неговото прво доаѓање во Македонија.
Скопје ќе ја види не само легендата од The Birthday Party и The Bad Seeds, туку и писателот на стотици „Писма од црвената рака“ (The Red Hand Files) до својата публика.