Стража одамна не е само планински превој меѓу Гостивар и Кичево по кој треба внимателно да се вози, затоа што крие низа опасности. Секој што минал по тој пат низ западниот дел од земјава, барем еднаш застанал да одмори на надморската височина од над 1.200 метри. И избрал – дали ќе купи мекици тука, на паркингот, или погоре, по скалите. Стража одамна е симбол на крцкавото пржено тесто и на квалитетното овчо сирење.
Гастрономската традиција ја негуваат две фирми – Ратан Констракшен Груп и Евро-Комерц-5. Првите се препознатливи по Станица Стража, а вторите по Мекиците од Стража. Иако основниот производ што го нудат е ист, тие имаат различен пристап кон бизнисот. Тоа го покажуваат финансиските резултати, врз кои порталот Пари, во соработка со Бизнис Мрежа, ја направи оваа анализа. Од анализата произлегуваат основните сознанија: лани на Стража патниците потрошиле околу 2,04 милиони евра, а двете фирми оствариле вкупен профит од 434 илјади евра. Во споредба со 2023 година, прометот опаднал за 6,71 отсто, а добивката пораснала за 27,16 насто.
СТАНИЦА СТРАЖА
Оваа подружница повторно работи од 2018 година, а од Ратан Констракшен Груп ДООЕЛ Скопје се посочува како вистинско место за попатен одмор, каде што намерниците ќе наидат на „добро познатите мекици кои за прв пат почнаа да се прават токму кај нас“.
Во таа рестартна 2018 година приходите изнесувале само 56,5 илјади евра. Потоа, максимумот бил достигнат во 2022 година – 780 илјади евра. Оттогаш е забележлив трендот на опаѓање: 2023 година завршила со промет од 640,8 илјади евра, а во ланската ставка е заведена сума од над половина милион евра, со минус од близу 16 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
Состојбата топло-ладно ја следи и добивката. Најнискиот праг од 3,5 илјади евра е поставен во втората пандемиска 2021 година. А, по профитабилната 2022 (100,2 илјади евра), веќе наредната година профитот како да треснал на земја (45,7 илјади евра). Меѓутоа, лани бил направен скок од 158,52 насто, при што последниот износ на добивката е највисок во споредба со претходните ‒ 118 илјади евра.
Финансискиот показател за тоа колкав дел од приходите остануваат како чиста добивка е зголемен за високи 207,3 насто. Профитната маржа од 7,14 насто (2023 година), лани нараснала на 21,93 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
Исто така, полека се зголемува и тимот во Станица Стража, од четворица во 2018 на деветмина вработени лани. Сепак, тоа не дејствувало стимулативно кај приходот остварен по вработен. Напротив, има пад од над 25 насто. Секој од работноангажираните лани приходувал по шеесетина илјади евра. Најдоходовни биле во 2022 година: тогашните шестмина вработени обезбедиле по 130 илјади евра.
Во текот на минатата година, на вработените им била исплатена просечна месечна плата од 20.489 денари, за десет насто повисока од просекот во 2023 година.
МЕКИЦИТЕ НА СТРАЖА
Рецептот за нивните мекици, означено е и во самото лого, датира уште од 1942 година. Самиот податок за повеќе од осумдецениска традиција создава дополнителна вредност кај брендот и го засилува чувството на автентичност меѓу потрошувачите. Податоците потврдуваат дека ги имаат вистинските мерки за добро тесто.
Константни се во работењето, со мало отстапување минатата година, прикажано кај прометот. За нецели три отсто има намалување на приходот, од 1,54 милиони (2023 година) на 1,5 милиони евра (2024 година). Инаку, дури и во времето кога поради пандемијата сѐ беше во мирување, Мекиците на Стража во приходните ставки запишале 792 илјади, односно над еден милион евра.
Од работењето во 2020 и 2021 година заработиле чисти 66,9 илјади и 128,8 илјади евра. Всушност, движењето на добивката е по непрекината нагорна линија: 238 илјади евра во 2022 година, 295,6 илјади преклани и 316 илјади евра лани.
Воедно, и профитната маржа останува стабилна и висока – од 8,85 насто (2020 година) до 21,32 насто во 2024 година.
Извор: Бизнис Мрежа
Со текот на годините, во овој локал на планинскиот превој има сѐ помалку вработени, или од 29 во 2020 година на 20 во 2024 година. Паралелно со тоа се зголемува продуктивноста. На пример, тогаш кога работната сила била најбројна, најнизок бил приходот по вработен – 27,3 илјади евра. Потоа 26 лица остварувале по 41,3 илјади евра (2021 година), 23 по 55,2 илјади (2022 година), 21 по 73,6 илјади евра (2023 година), а ланскиот тим од 20 вработени има придонес од 75 илјади евра по човек.
Ефикасноста во работењето е зголемена. Трудот на тие луѓе лани бил плаќан со просечни 24.564 денари, што е за 12,77 насто повеќе отколку во претходната, 2023 година.
Извор: Бизнис Мрежа
Иако акцентот е на мекиците, како најпознат бренд на двете фирми, и Станица Стража и Мекиците од Стража имаат богата понуда на ѓомлезе, пити, буреци, слатки, пијалаци… Притоа, се споменуваат бројки дека овие две места се свртувалиште на повеќе од 300 илјади патници годишно.
Многумина од нив се задоволни, велат дека е скапо, но вкусно. Сепак, ако се погледнат мислењата регистрирани на интернет, бројни се забелешките, поплаките и укажувањата, прво за (не)хигиената во тоалетите, а потоа и за услугата. Кога ќе се отстранат недостатоците, можеби и прометот ќе се зголеми, а Стража ќе биде уште подобар пример дека угостителскиот бизнис „од нога“ и „на минување“ може да е исплатлив и високо профитабилен.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска