ПОВЕЌЕ

    АРХИТЕКТОНСКИТЕ КОМПАНИИ СО 35 МИЛИОНИ ЕВРА ПРИХОДИ – Кој е на врвот?

    Време зa читање: 6 минути

    Архитектонските фирми во земјава лани оствариле вкупни приходи од 2,17 милијарди денари. Во евра тоа се 35,34 милиони. Во однос на 2023 година, во овој сегмент има раст од 10,3 насто. Пониска е стапката на зголемување кај заедничката добивка. Станува збор за сума од 331,2 милиони денари, односно за 5,39 милиони евра, а финансискиот резултат е подобрен за 7,71 насто. Овој сектор минатата година вработувал 1.349 лица, а тоа е за 6,06 насто повеќе отколку во 2023 година. За сите нив, во секој од 12-те лански месеци била исплаќана просечна плата во износ од по 8,49 милиони денари (138 илјади евра), проследена со годишен раст од 23,36 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Ова е општата слика создадена од 373 архитектонски компании со различен удел во вкупните постигнувања. Врз основа на податоците од Бизнис Мрежа, порталот Пари ја анализира работата на десетте најдобри – по остварен приход, добивка и број на вработени.

    ПРИХОД СО РАСТ ОД 4.693,77 НАСТО!

    Со износот од 12,46 милиони евра, фирмите од листата топ 10 зафаќаат 35,26 отсто од вкупниот пазарен приход во архитектонската дејност. Споредено со 2023 година, кога инкасирале 9,48 милиони евра, работата напреднала за 31,41 насто. Приливите на средства се движат од над 600 илјади до близу 2,8 милиони евра. Притоа, се работи за компании со адреси во пет градови: пет од Скопје, две од Тетово и по една од Штип, Струмица и Велес.

    Лидер, со 2,78 милиони евра приход, е Друштвото за градежништво, проектирање и инженеринг Сити Билд од Скопје. Всушност, успешната реализација на деловните активности на оваа компанија ѝ ги обезбедува првите позиции и на другите две топ 10 листи.

    Меѓутоа, според процентуалниот раст од извонредни 4.693,77 насто, без конкуренција е компанијата со полно име Друштво за проектирање, градежништво, трговија и услуги ХМ Пројект ДОО експорт-импорт Тетово. Приходите, кои преклани изнесувале 13.400 евра, лани достигнале 643.200 евра, што е доволно за десеттото место на табелата.

    Меѓу најдобрите според приходот е и државната Агенција за планирање на просторот Скопје. Износот од 2,1 милион евра ја рангира на високото второ место. Институцијата со клучна улога во урбанистичкото планирање на приходната страна бележи годишен раст од 8,4 насто, кој е најнизок во однос на другите фирми.

    Следат три компании со приход од над милион евра. Скопската Прима Инженеринг со 1,48 милиони евра, постигнала и висок раст од 126,36 насто. Студио Атриум од Штип е на четвртата позиција со 1,41 милион евра. А, пак, Геоконтрол од Струмица е на средина од табелата со приход од 1,03 милиони евра. Таа е и една од двете фирми што лани имале пад во приходите (втората е Бесиан Мехмети Арцхитецтс Тетово).

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАЈПРОФИТАБИЛНИТЕ СЕ СО ЗАЕДНИЧКА ДОБИВКА ОД 2,33 МИЛИОНИ ЕВРА

    Во вкупната секторска добивка, најпрофитабилните 10 фирми учествуваат со 43,32 отсто. Заедничкото достигнување е 2,33 милиони евра и за 35,38 насто го надминува прекланскиот резултат од 1,72 милиони евра.

    Раст кај добивката е регистриран кај осум компании. Годишен пад на профитот од 46,62 насто има тетовското Друштво за проектирање Бесиан Мехмети Арцхитецтс ДООЕЛ, што веројатно е поврзано и со намалениот приход. Тоа не е случај кај скопски Тетрактис Кристијан. Во оваа фирма профитот е понизок за 18,37 отсто, додека на страната на приходите има зголемување од 65,91 насто.

    Во овој сегмент, со растот од 623,3 насто се издвојува Квадар од Скопје, но според висината на добивката (137 илјади евра) е на шестата позиција. Висок процентуален раст бележат и МОА Проект Студио (+ 248,17 %) и Пика Архитект (+ 124,48 %). Инаку, овие фирми не се рангирани меѓу десетте најдоходовни.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Највисок профит од минатогодишното работење оствариле во Сити Билд ‒ 486 илјади евра (+ 56,16 %). Веднаш зад него е штипското Студио Атриум со 474 илјади евра (+ 46,34 %). Во 2023 година со највисока добивка, а лани треторангирана е Агенцијата за планирање на просторот. Како и кај приходите, така и кај профитот бележи најмал годишен раст (+ 1,01 %).

    Во друштвото на најпрофитните се и АДИ Студио (196 илјади евра) и Атика Архитекти (120 илјади евра)

    ДЕСЕТ ФИРМИ – 359 ВРАБОТЕНИ

    Минатата година кај десетте најголеми работодавачи биле ангажирани 359 лица. Бројката претставува 26,61 насто од вработените во сите 373 фирми од оваа дејност. Зголемувањето, пак, на годишно ниво од само девет нововработени или плус 2,57 насто, покажува дека обемот на деловните активности не налага поголема екипираност.

    Всушност, кај три компании има намалување на работната сила: Геоконтрол од Струмица (‒ 3,08 %), Исоурце од Битола (‒ 4,26 %) и ИН-Пума Институт за урбанизам, сообраќај и екологија ДООЕЛ Скопје (‒ 9,52 %).

    Промени на бројната состојба нема исто така кај три субјекти меѓу најголемите работодавачи: Прима Инженеринг, Гема Инженеринг и кај државната Агенција за планирање на просторот.

    Извор: Бизнис Мрежа

    И оваа листа ја предводи Сити Билд со своите 110 вработени. Таа фирма е единствената што ангажира повеќе од 100 лица. Веќе второрангираниот Геоконтрол функционира со 63 вработени. Најмалуброен е тимот на Гема Инженеринг (14), а најголем процентуален раст, за 50 насто, е регистриран кај Архитектон Дизајн од Битола.

    Градежната инвазија, и во главниот град и во најголемиот дел од државата, ги фрли во сенка архитектонските вредности. Сепак, архитектонската дејност останува клучен двигател на урбанистичкиот развој. Таа ја носи визијата за квалитетно обликување на просторот, ги спојува креативните концепти со техничката експертиза и обезбедува основа за функционални и естетски објекти. Или, барем би требало…

    Новинар: Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично