ПОВЕЌЕ

    Дивидендите пораснаа, но дали порасна и дивидендниот принос?

    Време зa читање: 5 минути

    Сезоната на дивиденди за 2024 година ги израдува акционерите затоа што повеќето профитабилни компании котирани на Македонската берза ги наградија со повисоки дивиденди во споредба со лани. Но, дали тоа значи и повисок дивидендeн принос?

    Нашата анализа покажува интересна слика кај 24 котирани компании – иако износите на дивидендите се зголемени кај дел од нив, кај 15 компании приносот од дивиденда во 2024 е понизок во однос на 2023 година.

    Од друга страна, кај неколку компании дивидендниот принос бележи стабилен раст, со што обезбедува одличен принос за акционерите, кој стигнува и до 38 насто.

    Сепак, рекордниот минатогодишен раст на цените на акциите покажува дека интересот и довербата на инвеститорите во берзанските компании, кои се докажани со редовната исплата на дивиденда, останува на високо ниво. Иако актуелниот ценовен тренд на Македонската берза е надолен, тоа не значи дека овие акции се помалку атрактивни. Ценовниот пад е последица на глобалните економски и геополитички превирања.

    Што покажуваат бројките за дивидендниот принос по години – 2022, 2023 и 2024 година? Откриваме кои компании го задржаа (или го подобрија) својот дивидендeн профил, а кои го намалија дивидендниот принос.

    Убедливо најголем дивиденден принос има акцијата на велешката компанија Ветекс. За 2024 година дивидендниот принос изнесува 37,79 насто, а во 2023 година изнесувал 34,15 насто. Во 2022 година оваа компанија не поделила дивиденда. Ветекс е на задолжителна котација на Македонската берза, произведува предиво и конец и за минатата година има профит од 18,4 милиони денари, со стапка на поврат на вкупните средства од 5,71 насто и поврат на капиталот од 6,67 насто.

    На второ место е акцијата на БИМ Свети Николе со дивиденден принос од 12,34 насто за 2024 година, кој е за нијанса понизок отколку во 2023 година, кога изнесуваше 12,86 насто. Оваа компанија исто така е на задолжителната берзанска котација, а произведува материјали за хидроизолација. Во 2024 година има добивка од 55,5 милиони денари, стапка на поврат на вкупни средства од 9,84 насто и стапка на поврат на капитал од 10,19 насто.

    Акцијата на Цементарница Усје за 2024 година има дивиденден принос од 10,44 насто, што е значителен раст во однос на 2023 година, кога изнесуваше 7,95 насто, и уште поголем во однос на 2022 година, кога изнесуваше 4,39 насто. За три години Усје значително го зголеми и профитот, од една милијарда денари во 2022 година на 1,9 милијарди денари во 2024 година. Усје може да се пофали и со висока стапка на поврат на вкупните средства од дури 33,46 насто и на поврат на капиталот од 42,79 насто.

    Двоцифрените стапки на дивиденден принос завршуваат со Оилко КДА, чија акција секоја година има фиксен дивиденден принос од 10 насто.

    Извор: Македонска берза

    Од следните компании, РЖ Техничка контрола се истакнува со драстично намален дивиденден принос во 2024 година во однос на 2023 година, на 9,53 од 16,35 насто. Лани, оваа компанија за повеќе од двојно го има намалено и профитот, исто како и стапките на поврат на вкупни средства и на капитал.

    Македонија осигурување ВИГ, пак, за 2024 година го зголеми дивидендниот принос речиси за три пати, од 2,75 на 8,42 насто, иако добивката ја намали за три пати.

    Акцијата на Стопанска банка Скопје се издвојува по тоа што во 2024 година за првпат носи дивиденда и дивиденден принос. Иако добивката за 2024 година е минимално зголемена во однос на 2023 година, Банката реши да исплати дивиденда.

    Дивиденден принос од над пет насто имаат и Македонски телеком (6,91 %), Раде Кончар ‒  Апаратна техника (6,50 %), УНИ банка (5,46 %) и Технокомерц (5 %). Само акцијата на Македонски телеком има континуиран раст на дивидендниот принос во последните три години, додека акцијата на Раде Кончар ‒ Апаратна техника и на УНИ банка бележи помал дивиденден принос. Кај Технокомерц дивидендниот принос е константа од пет насто.

    Следните компании на листата, со исклучок на Окта и Интерпромет Тетово, имаат понизок дивиденден принос во 2024 година споредено со 2023 година. Најголем пад има кај дивидендниот принос на акцијата на ТТК банка, од 7,45 во 2023 година на 3,13 насто во 2024 година, а потоа кај акцијата на НЛБ банка од 8,92 во 2023 година на 4,62 насто во 2024 година.

    Имајќи ги предвид актуелните глобални геополитички турбуленции, прогнозите за нов бран на економска криза и очекувањата за продолжен инфлаторен притисок, навистина ќе биде интересно да се видат годинешните резултати на овие берзански компании, кои се докажани по својата профитабилност и дарежливост кон своите акционери.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично