На Македонска берза повеќе не може да се тргува со обврзниците издадени од битолскиот СН Осигурителен брокер, кое е во стечај. Тоа се хартиите од вредност со шифра SNBTO. Одлуката за исклучување вчера е донесена од Одборот на директори на Македонската берза.
„Воедно, поради исклучувањето од котација на обврзниците издадени од СН Осигурителен брокер АД Битола, друштвото ќе биде избришано и од ‘Листата за набљудување’ што се објавува на веб страница на Берзата, согласно член 61-а од Правилата за котација“, информираа од Берзата.
Минатата недела беше соопштено решението на Основниот суд во Битола за отворање стечајна постапка, при што е назначена и овластен стечаен управник. А веќе тече рокот од 15 дена даден на доверителите да ги пријават своите побарувања, додека тие што се должници на СН Осигурителен брокер треба да ги намират обврски. Испитно и извештајно рочиште е закажано за 26 јуни.