Дали има услови за СН Осигурителен Брокер да се отвори стечајна постапка ќе одлучува Основниот суд во Битола. Рочиштето за испитување на условите е закажано за 15 мај.
Во меѓувреме, на случајот ќе работи овластениот времен стечаен управник, чија обврска е да го заштити имотот на СН Осигурителен Брокер, со цел да се избегне можноста од негово намалување. Воедно, и да утврди дали со тој имот може да се намират трошоците на постапката и да изготви извештај за економско-финансиската состојба на должникот.
Исто така, со решението на судот за поведување претходна постапка заради утврдување на условите за отворање стечајна постапка, се забранува „определување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против должникот“. Забрана има и за исплата од сметките на осигурителното брокерско друштво. А, се повикуваат должниците „и должниковите солидарни содолжници и гаранти без одлагање да ги исполнат своите обврски кон должникот“.
Процесот е покренат од тројца доверители на СН Осигурителен Брокер, кои до надлежниот суд доставиле предлози за отварање стечајна постапка, а како причина била наведена неспособноста за плаќање, неликвидноста и неможноста на фирмата да ги намирува обврските од редовното работење.
Во март годинава, Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување донесе решение на СН Осигурителен брокер да му се одземе дозволата за вршење на осигурително брокерски работи. Како што беше тогаш посочено, во работењето на друштвото биле констатирани неправилнсти, со кои се прекршуваат повеќе одредби од Законот за супервизија на осигурување. Тие неправилности биле утврдени минатата година при спроведената теренска супервизија. На битолското друштво му бил даден рок да ги отстрани, но тоа не се случило.
Поради тоа, СН Осигурителен Брокер прво беше ставено на берзанската „Листата за набљудување“, а веднаш потоа беше и проширена основата за обрнување внимание.