ПОВЕЌЕ

    И во (не)поволни услови сѐ е според планот: Алкалоид добро ја тера работата

    Време зa читање: 3 минути

    Неповолниот деловен амбиент, случувањата во глобални и локални рамки, неизвесноста, не се несовладливи препреки за реализација на амбициозните планови на „Алкалоид“. Од фармацевтската компанија пристигна уште еден извештај со бројки и проценти кои се одраз на доброто работење и менаџирање, од каде што произлегуваат зголемениот извоз, повисоките приходи, инвестициите, новите вработувања. Сето тоа го крева и нивото на остварената добивка.

    Во споредба со првите три лански месеци, годинава „Алкалоид“ заработил за четири проценти поголема добивка. Стартот во позитивните финансиски резултати е означен со 407.432 илјади денари или 6,6 милиони евра, колку што изнесува добивката за првиот квартал. Консолидирана нето-добивка, пак, е 491.703 илјади денари, односно 8 милиони евра, проследена со трипроцентно зголемување.

    Приходите во најголем дел доаѓаат од странските пазари, иако и домашниот терен претставува солидна база за производите на „Алкалоид“. Остварените единечни приходи се во износ од 59,4 милиони евра. Кај нив се бележи годишен раст од четири проценти. Во нивната структура доминантен удел од 95% имаат приливите од продажбата на производи и на услуги. Вкупните консолидирани приходи изнесуваат 87,8 милиони евра, а зголемени се за осум насто.

    Во земјава се остваруваат 32 отсто од консолидираните продажби на компанијата, а 68 проценти на странските пазари. „Продажбите на странските пазари во првиот квартал од 2025 година се во согласност со предвидената динамика и бележат раст од 8% во однос на планот“, велат од „Алкалоид“ и посочуваат дека најголемото нагорно движење е регистрирано во земјите од Источна Европа (раст од 9%) и во земјите од Југоисточна Европа (раст од 3%).

    Работењето на компанијата во првото тримесечје се одразило и со зголемување на трошоците – за 3% единечните и за 9% консолидираните. Притоа, достигнати се износи од 52,1, односно 78,6 милиони евра.

    „Алкалоид“ постојано го унапредува работењето. Од јануари до март има инвестиции во основни средства од 4,2 милиони евра.

    Освен тоа, зголемениот обем на деловни зафати отвора и нови работни места. Во овој тримесечен период се реализирани 13 нови вработувања. Оттаму, Групацијата има тим од 3.046 лица, 2.288 ангажирани во земјава, а 758 се дел од капитално поврзаните друштва во странство. Сите тие во март добиле регрес за годишен одмор од 44.500 денари.

    Стабилноста и просперитетноста на фармацевтска компанија се рефлектира врз акциите, кои се меѓу најтргуваните на Македонска берза. Во првиот квартал нивната вредност се движеше од 26.800 до 31.099 денари, со просек од 28.966,38 денари за една акција. Според состојбата од 31 март, акциите се во сопственост на 6.188 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација изнесувала 39,4 милијарди денари, односно 640,65 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично