ПОВЕЌЕ

    СН Осигурителен брокер со блокирани сметки, Берзата ја прошири основата за внесување на „Листата за набљудување“

    Време зa читање: 2 минути

    Парите од годишната камата за корпоративната обврзница имателите ќе ги добијат на 30 април. Регуларната исплата утврдена за први март беше оневозможена поради инсолвентност и блокирана сметка, информираат од СН Осигурителен брокер Битола.

    Станува збор за шестпроцентната камата која се исплатува еднаш годишно. Оваа обврска, според објавата на друштвото, е нивен „најважен приоритет“.

    „Моментално, друштвото се наоѓа во фаза на реструктуирање и репрограмирање, односно потпишување заеднички договори со сите доверители, со крајна цел обезбедување нормални услови за работа“, пишува во информацијата споделена преку Македонска берза.

    Во оваа состојба друштвото се најде откако Советот на експерти на АСО донесе решение за одземање на лиценцата за работа. Со образложение дека наодите од спроведените контроли покажуваат серија неправилности и прекршувања на Законот за супервизија на осигурување. На друштвото, наведоа од АСО, му бил даден временски рок за отстранување на пропустите, но тоа не било сторено.

    Од СН Осигурителен брокер најавуваат дека ќе ја искористат законската можност и по ова решение на АСО ќе поднесат тужба до Управниот суд.

    Поради овие случувања друштвото беше ставено на берзанската „Листа за набљудување“, а еден ден подоцна од Македонска берза соопштија дека е проширена основата за обрнување внимание:

    „Ве известуваме дека е донесен заклучок за проширувањето на основот за внесувањето на Листата за набљудување на издавачот СН Осигурителен брокер АД Битола поради објава на информација за блокирани сметки. Листата за набљудување се објавува на веб-страницата на Берзата, согласно член 61-а од Правилата за котација“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично