ПОВЕЌЕ

    АСО му ја одзеде дозволата за работа на СН Осигурителен брокер

    Време зa читање: 3 минути

    СН Осигурителен брокер од Битола останува без дозволата за вршење на осигурително брокерски работи. Решението е донесено од страна на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување. Причина за тоа е неправилното работење на друштвото, што се коси со повеќе одредби од Законот за супервизија на осигурување.

    Неправилностите биле утврдени минатата година при спроведената теренска супервизија од 12 август до 22 октомври, а на битолското друштво му бил даден рок да ги отстрани, но тоа не се случило.

    „Во Записникот од спроведена теренска супервизија беа констатирани 22 постапувања спротивно на одредбите од Законот за супервизија на осигурување и други закони, едно постапување спротивно на Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на регистри од страна на друштвата за осигурување, осигурително брокерските друштва и друштвата за застапување во осигурување и 12 слабости во функционирање на системот на интерни контроли на Друштвото“, пишува во образложението на АСО.

    Како што се наведува во решението, друштвото „работи спротивно на одредбите од член 147 став (2), а во врска со член 135 став (1)“ од Законот, каде што се предвидува дека осигурителните брокерски друштва вршат исклучиво осигурително брокерски работи. А, тоа се: посредување во договарање на осигурително и реосигурително покритие и при реализирање на отштетни побарувања по остварен осигуран штетен настан.

    Исто така, било утврдено дека не се почитувани ниту одредбите во врска со член 140 став 2, каде што се наброени обврските на друштвата од оваа дејност: осигурителниот брокер е должен да ги штити интересите на осигурениците…, при што е должен да изготви адекватна анализа на ризикот и да предложи соодветно осигурително покритие за осигуреникот, да посредува во име на осигуреникот…, да ја проверува содржината на полисите за осигурување…

    Прекршени се и одредбите од член 150-а, кои се однесуваат на застапувањето во осигурувањето во станиците за технички преглед на моторни возила, како и на Правилникот за начинот и постапката за наплата и пренос на наплатената премија од страна на осигурително брокерските друштва.

    Од СН Осигурителен брокер, се посочува во решението на АСО, не постапиле „согласно со Наредбата за отстранување на незаконитости бр. УП1 08-1-210 од 20.11.2024 година и Решението за изрекување дополнителни мерки кон Друштвото бр. УП1 08-1-210 од 20.11.2024 година, за што согласно членот 145 став (3) точка 5 од Законот за супервизија на осигурување предвидено е одземање на дозволата за вршење осигурително брокерски работи“.

    Решението на АСО е конечно и влегува во сила со денот на донесувањето. Сепак, СН осигурителен брокер има можност да поднесе тужба до Управниот суд.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично