ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНСКИТЕ БАНКИ СО РЕКОРДНА ДОБИВКА – трите најголеми со профит од над 191 милион евра

    Време зa читање: 4 минути

    Доминантната тројка на домашниот банкарски пазар има заедничка добивка од вкупно 191,2 милиони евра. Остварена од работењето во 2024 година, во услови на сериозни предизвици и неизвесности, проследени со неповолни движења…, како што самите нагласуваат. А, да беа околностите поволни, колкав ли ќе беше финансискиот резултат на Комерцијална банка, Стопанска банка и на НЛБ банка?

    Стабилен е банкарскиот систем. Отпорен на страничните надворешни и внатрешни влијанија. Тоа уште еднаш се потврди и во текот на минатата година. Особено на примерите на банките кои го сочинуваат македонското трио фантастико. Кои имаат солидна база за високи достигнувања. Доволни е да се земат предвид само податоците за кредитите и депозитите.

    Во декември 2024, според последниот извештај на Народната банка, нивото на вкупните депозити е 9,76 милијарди евра. Од тој износ, 6,01 милијарда евра се доверени на Комерцијална, Стопанска и на НЛБ банка. Или, кај нив се 61,6 проценти од парите на граѓаните и на компаниите. Распоредени се 2,51 милијарда евра кај Комерцијална банка, 1,76 милијарди евра кај Стопанска банка и 1,74 милијарди евра кај НЛБ банка.

    Понатаму, сите банки во земјава одобриле кредити од 8,03 милијарди евра. А, трите банки – 4,24 милијарди евра. И тоа, Стопанска банка 1,6 милијарди евра, НЛБ банка 1,36 милијарди евра и Комерцијална банка 1,28 милијарди евра. Што значи дека исплатиле 52,8 отсто од вкупните кредити. Врз кои, пресметувајќи и наплатувајќи камати, ги реализираат најзначајните приходи.

    Во споредба со 2023 година, банките бележат зголемување на добивките. Најмногу Комерцијална банка, за 37,5 проценти. Без оглед на нискиот процент кај другите две банки, нагорните движења произлегуваат од стабилениот раст на тројката, на зголемената кредитна активност и на порастот на депозитите.

    Во однос на приходите, овие банки заеднички инкасирале над 380 милиони евра. Главните приходи се генерирани од камати, од провизиите, но и од вложувањата во хартии од вредност. Со приливите од камати предничи скопската Стопанска банка, која само по тој основ наплатила 112,9 милиони евра. Но, и исплатила камати, па нето-приходите се во износ од 100,35 милиони евра. Годишното зголемување е за осум проценти. Најголем раст на ова поле, од 16,9 насто бележи НЛБ банка. Позитивното движење кај Комерцијална банка е за 14,5 проценти.

    Во сегментот провизии и надоместоци, не само за 2024 година, прва е НЛБ банка. Лани наплатените банкарски услуги и обезбедиле чисти 25,16 милиони евра.

    Кај овие банки има значително поместување и во однос на инвестирањето во хартии од вредност. Комерцијална банка, со растот од 25,2 проценти, реализирала вложувања од над 608 милиони евра. Најголемото зголемување – за 45 проценти, е направено од страна на Стопанска банка, која во вредносни хартии пласирала 269,7 милиони евра. НЛБ банка инвестирала 335,8 милиони евра, а напредокот е обележан со плус 30,3 проценти. Банките се, главно, ориентирани кон државните обврзници. А, зголеменото инвестирање упатува на нивната силна ликвидност.

    Најголемата македонска банка има вкупна актива која ближи кон три милијарди евра, а во однос на другите две банки има најнизок годишен раст. Зголемувањето е највисоко кај активата на НЛБ банка, која е најниска и изнесува 2,1 милијарда евра.

    Јасно е дека банкарскиот е еден од најстабилните сектори во државата. А, пак, работењето и резултатите на овие три банки, кои го зафаќаат најголемиот дел од тој простор, ја покажуваат кондиционата подготвеност да се поддржи растот на економијата во наредниот период.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично