Стопанството ќе ги добие парите од унгарскиот кредит. Владат донесе одлука 250 милиони евра да се стават на располагање, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, кој смета дека со тоа ќе зајакнат компаниите, а крајниот бенефит ќе го имаат граѓаните преку засилен стандард и подобра куповна моќ. Ќе се обезбедат нови вработувања и сигурна работа за многу компании и неколку илјади нови работни места.
„На владината седница која се уште трае, беше донесена одлука со која, како и што ветивме, се става на располагање на стопанството сума од 250 милиони евра за инвестиции и развој на домашните компании“, објави Мицкоски.
Според него, ова е историски досега најголем износшто директно се става на располагање на стопанството:
„И, преставува прва одлука со ваков износ кој досега државата го обезбедува за стопанството, домашните компании и фирми и тие можат да ги користат овие пари преку давање, би рекол за денешните пазарни услови, супер ниска каматна стапка“.
Парите се од унгарската кредитна линија, а методологијата по која ќе станат достапни за компаниите е преку Министерството за финансии, кое со цел воспоставување на кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва, и одобри на Развојната банка бескаматен заем во износ од 250.000.000 евра, посочи премиерот.
Понатаму, Развојната банка ќе ги стави на располагање на банките учеснички преку рамковен договор за учество со намена финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски субјекти запишани во Трговскиот регистар.
„Максималниот рок е оној којшто го зборувавме, до 15 години со вклучен грејс период до 3 години за банките учеснички. Краен датум е 15 години од датумот на потпишување на договорот за задолжување. Банките ќе ги одобруваат кредитите на крајни корисници при што средствата може да се користат за инвестиции во основни средства. Крајниот корисник задолжително учествува со минимум 20% од вредноста на инвестицијата“, образложи Мицкоски.
Каматна стапка на годишно ниво останува 1,95%, без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност.
Премиерот во очекување на значајно влијание за стопанството од овие средства, им се заблагодари на банките кои учествуваат во распределбата на парите од овој кредит.