Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и во 2023 не успева да ги покрие своите финансиски обврски, што резултира со дефицит од 33 проценти кај исплатата на пензии. Таа година биле прифаќани понуди за тековно одржување и изведување на градежно занаетчиски работи со цени повисоки и до 22 пати. А, над 820 илјади евра се потрошени за ангажман на лица со договор, за кои не може да се утврди дали воопшто се појавувале на работното место. Државните ревизори откриле сериозни слабости и неправилности во работењето на Фондот, кои укажуваат на долгорочни структурни и проблеми во управувањето со оваа институција.
Меѓу клучните наоди се наведува дефицитот што произлегува меѓу наплатата на придонесите и исплатата на пензиите. Во 2023 приходите од придонеси се зголемени за 13%, достигнувајќи над една милијарда евра, но сепак, не се доволни за покривање на растечките расходи. Затоа државата учествува со 32,6%, што укажува на висока зависност од буџетските трансфери.
„Приходите од наплатен придонес од плата за пензиско и инвалидско осигурување во 2023 се зголемени за 13% во однос на претходната 2022 година и изнесуваат 63.340.987 илјади денари со учество од 65,74% во вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2023 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така секоја година бележат раст“, се вели во ревизорскиот извештај.
Воедно, ревизорите го истакнуваат и неповолниот сооднос меѓу бројот на пензионери и осигуреници. Во 2023 е 1:1,7, што е критично за одржливоста на системот.
На Фондот му недостига и стручен кадар, па во текот на таа 2023 биле ангажирани 206 лица со договор на дело, за што се исплатени 820 илјади евра, но без соодветна евиденција за нивната работа.
„Во текот на 2023 година ангажирани се 206 физички лица со договор на дело за период од 2 до 12 месеци, за кои Фондот има обезбедено согласности од Министерството за финансии, за извршување на работни задачи согласно систематизацијата на работни места, за кои се исплатени средства во износ од 50.377 илјади денари. Ревизорите укажуваат дека не постои евиденција за присуство на ангажираните лица поради што постои можност од исплата на парични средства на лица кои не биле присутни на работните места и не ги извршувале работните обврски. Во договорите не е предвидена обврска ангажираните лица да доставуваат извештаи за извршената работа, што не обезбедува уверување во однос на исполнувањето на нивните работни задачи и обврски за кои се ангажирани, при што поголем дел од договорите не се потпишани од страна на извршителите“, констатираат ревизорите од Државниот завод за ревизија.
Воедно, има и незаконски исплати реализирани во предизборниот период, од 28,5 милиони евра на име финансиска поддршка на ранливи категории граѓани.
Ревизорите запишале:
„Во делот на останати прашања ревизорите исто така ја истакнуваат состојбата во врска со донесениот Закон за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани во декември 2023 година, со кој е извршена исплата и тоа на: корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои се евидентирани на гарантирана минимална помош, корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари“.
Притоа, се вели, не се спорни заложбите за помош на тие граѓани, туку тоа што законот е донесен пред редовните претседателски и парламентарни избори. Па во тој период од февруари до април 2024 исплатени се вкупно 1.243.322 илјади денари (20,2 милиони евра), што е во „колизија со барањата на член 8-а од Изборниот законик, согласно кој не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати“.
Инаку, се додава, исплатата на средствата се вршела преку разделите на МТСП, Фондот и МОН, од кои по денот на распишувањето на изборите, „спротивно на барањета на член 8-а од Изборниот законик, исплатени се средства во износ од 1.750.549 илјади денари“.
Исто така, утврдени се и неправилности при реализацијата на договори за тековно одржување, со склучување анекси на договори, од над 583 илјади евра, кои фаворизирале минимален број позиции.
„Во текот на 2023 година, спроведенa e набавкa за тековно одржување и изведување на градежно занаетчиски работи на деловни објекти на Фондот во централата, филијалите, деловниците и пензионерските домови, за кои склучени се договори и анекси кон договорите во вкупен износ од 35.883 илјади денари, за коja ревизорите утврдиле слбасти во нејзиното спроведување и реализација. Имено, за позициите за кои била понудена минимална цена, во текот на реализација на договорот не се извршени нарачки. Договорот се реализирал за само неколку работни позиции кои во споредба на понудите на останатите економски оператори кои биле оценети како неприфатливи, кои за истите позиции имале од 2 (два) до 22 (дваесет и два) пати пониски цени“.
Ревизорите утврдиле и слабости во управувањето со имотот. Забележан е неевидентиран имот добиен од стечајни постапки, а нема одлуки за отпис и уништување на движен имот.
Има и ИТ и безбедносни пропусти. Меѓу другото, се посочува на несигурниот ИТ систем и на слабостите во обработката на пензиските досиеја, што влијае на точноста и навременоста на исплатата.
„Ревизорите утврдиле слабости во делот на функционирањето на воспоставените внатрешни контроли во процесот на обработка на пензиските досиеја и исплата на пензиските примања, штој се одвива преку воспоставениот електронски систем, што влијае на навременоста и точноста на постапката на пресметка и исплата на пензиските примања“, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија.