Растурија на официјалниот пазар со промет од 612,8 илјади евра. Забележани се и две блок-трансакции од 115,8 илјади евра. Сѐ заедно дава износ од близу 730 илјади евра. Поточно, 728,7 илјади евра. Сето тоа во последниот работен ден од оваа седмица. Па, неодминливо е прашањето – каде (или кај кого) завршија акциите на „Алкалоид“?
Во недостиг на одговор, тука се официјалните берзански податоци.
На официјалниот пазар во петокот се истргувани 1.318 хартии од вредност издадени од најголемата и најуспешна македонска фармацевтска компанија. За секоја се изброени по 28.596,28 денари, колку што е износот на просечната дневна цена. Која од претходниот ден е повисока за 0,40 проценти.
Епилог од тргувањето на 10 јануари е прометот од 37.689.900 денари, што е еднакво на 612.843 евра.
Во истата официјална дневна листа, петта во започнатата 2025 година, заведени се и двете блок-трансакции, со вкупно 250 акции. И заедничка сума од 7.125.000 денари, што е еднакво на 115.853 евра. Единечната цена за акција е 28.500 денари.
Во првата блок-трансакција е извршена купопродажба на 100 акции. Познат купувач за нив платил 2.850.000 денари или 46,3 илјади евра.
Блокот со 150 акции вреди 4.275.000 денари, односно 69,5 илјади евра.
Интерес од инвеститорите за овие акции има секојдневно, и затоа се секогаш во врвот на најтргуваните хартии од вредност. На пример, и во четвртокот е евидентиран висок промет од 353,8 илјади евра, кога се истргувале 764 акции по просечна цена од 28.481,61 денар.
Инаку, во текот на декември акцијата на „Алкалоид“ оствари просечна вредност од 27.880,97 денари, и месечна промена од 11,54 проценти. Тој месец беше реализиран промет од 3,8 милиони евра.
Има разни претпоставки за тоа кој го вложува вишокот пари во овие акции. Се споменува и веројатноста дека средствата добиени од продажбата на акционерскиот удел во „Македонијатурист“ се пренасочуваат кон акциите на „Алкалоид“.