Седум пакетомати се поставени во Скопје и еден во Битола. Граѓаните имаат можност наместо од поштенски шалтер, пратките да ги подигнат од најблискиот уред, по принципот на самопослужување. Во било кое време од денот и во рок од 72 часа.
Претходно, ако има обврска за плаќање, треба да се изврши уплата преку електронско банкарство и по СМС порака да ја подигнат својата пратка. Треба само да се поврзат на линкот од СМС пораката кој што ќе им побара поврзување со bluetoоth и веднаш ќе им се отвори нивното сандаче, изјави за МИА Биљана Глумац од Карго Експрес, компанија која првпат во земјава ја воведува услугата достава преку Пакетомат или Locker.
Овој тренд во преземањето пратки е во подем во европските и во земјите од соседството, а кај нас се доцни најмногу поради тоа што во нашиот поштенски пазар голем дел од пратките се со наплата при достава, односно со откупнина или поштарина, посочува Глумац, додавајќи дека се обидувале да пронајдат решение како таа наплата да се имплементира, а корисниците да не бидат изложени на дополнителни трошоци.
Воедно, информира дека во соработка со „Тинекс“ седумте скопски пакетомати се поставени пред нивни објекти, а во скоро време ќе има уште четири. Еден пакетомат е поставен во Битола, а се очекува во наредниот период мрежата да се прошири низ целата држава. Пакетоматите се независни еколошки уреди кои за напојување користат соларна енергија. Исто така, на овој начин се намалува користењето на возила, со што оваа достава се смета како еколошка.
Нареден чекор на фирмата ќе биде автоматизација на системот на сортирање и воведување електрични возила во доставата.
Во земјава има 34 фирми кои даваат поштенски услуги – 33 имаат лиценци со општо овластување, а АД Пошта на Северна Македонија е со индивидуална дозвола.