ПОВЕЌЕ

    На секој километар загуба од еден денар – Државната ревизија за ЈСП „Скопје“

    Време зa читање: 6 минути

    Загуби што се таложат на секој прејден километар, долгови, побарувања, нетранспарентни вработувања, неправилно утврдување и пресметка на платите… Она што на скопјани им се потврдува секојдневно, го констатираа и државните ревизори – ЈСП „Скопје“ не може да ја исполни основната задача – градски превоз на граѓаните. Ниту редовен, ниту навремен.

    Еве што утврди Дражавниот завод за ревизија, по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈСП „Скопје“ за 2023 година.

    Секој изминат километар на ЈСП му носи загуба од еден денар. Ревизорите утврдиле дека коефициентот помеѓу трошокот и приходот по километар е 2:1. На два денари трошок по километар се остварува еден денар приход, што сериозно се одразува кај солвентноста и ликвидноста на претпријатието.

    Освен тоа, забележано е дека инвестициите реализирани во 2022 и 2023 од околу 4.000 илјади денари, не го опфатиле подобрување на возниот парк, кој е со просечна старост од 12,05 години (состојба од 31 декември 2023).

    „И покрај субвенционирањето од страна на основачот – Град Скопје во вкупен износ од 673.870 илјади денари, односно 10.957.235 евра, ЈСП „Скопје“ не е во можност да ги постигне стратешките цели за одржлив урбан транспортен систем и развој на јавниот градски превоз во Скопје, тврдат ревизорите.

    „Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на ЈСП и поради нивното значење изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики“, велат ревизорите.

    За состојбата во која се наоѓа претпријатието придонесува и односот на властите. Па обврската за бесплатен превоз ЈСП ја исполнува без каков било надомест. За учебните 2022/2023 и 2023/2024 година, Владата не донела одлуки за одобрување средства од буџетот на Министерството за образование и наука за покривање на трошоците за бесплатен градски превоз на редовните студенти на државните универзитети.

    „Поради тоа, во буџетот на МОН не се предвидени средства за оваа намена, додека јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ продолжува да ја исполнува својата законска обврска за бесплатен јавен превоз, но без надомест. Недостигот на средства од МОН влијае на континуитетот на услугата“, запишано е во ревизорскиот извештај.

    Повеќе од 151,6 милиони евра ЈСП им должи на овластените превозници. Ова е состојба утврдена на последниот ден од минатата година. Оттаму и намалениот капацитет и неможноста да се реализира превозот како што е првично договорено – капацитет од најмалку 80% во текот на месецот.

    „Во однос на плаќањето на надоместокот за извршениот превоз, ЈСП „Скопје“ во континуитет не ја исполнува обврската за исплата на аконтативната/конечната пресметка за претходниот месец, 15 дена по приемот на фактурата. Заклучно со 31.12.2023 година, претпријатието има неподмирени обврски кон овластените превозници во вкупен износ од 93.254 илјади денари, што може да создаде дополнителни потешкотии во понатамошното работење на правните субјекти ангажирани во јавниот превоз“.

    ЈСП е финансиски заглавено и преку набавката на гориво, поради ненавремено плаќање на фактурите. Ревизорите утврдиле дека е склучена неповолна спогодба за плаќање на долгот на рати, која се допол нително го товари претпријатието со казнена камата што за 50% повисока од стапката на законската казнена камата.

    „Оваа одредба не е предвидена во договорот за јавна набавка. Во текот на ревизијата, по барање на ЈСП „Скопје“, доверителот има доставено одобрение за намалување на пресметаната камата за 50%, што изнесува 12.583 илјади денари“, се вели во извештајот.

    Загуби има и по основ на договорот и анекс за обезбедување комуникациска инфраструктура и Е-Cloud платформа за системот на јавен градски транспорт, вреден 142.466 илјади денари, односно 2.316.520 евра, склучен во 2021 година. Ревизијата констатирала значителни слабости – обврската за целосно и постојано функционирање на системот не е исполнета, па има проблеми во следењето на возилата; воведувањето електронски билети и апликации за паметни телефони не е реализирано во договорениот рок, па патници реагирале за повеќекратна наплата на билети.

    „И покрај неисполнувањето на обврските од страна на економскиот оператор, ЈСП „СКОПЈЕ“ не преземало мерки за активирање на банкарската гаранција и не ја искористило можноста за наплата на казни. Како резултат на ваквата состојба, претпријатието има претрпено финансиски загуби и платено фактури во износ од 30.854 илјади денари за нецелосно извршени услуги, без да добие соодветна вредност за вложените средства“.

    Во сиот хаос што владее со години наназад, пропаѓа и „Милениумскиот крст“ на Водно, кој ЈСП го добил во трајно користење и без надомест од Град Скопје, кој не е сопственик на објектот, туку го добил од Владата во 2013. ЈСП се обврзало да го финансира и одржува објектот, да го промовира како туристичко место, со што во 2014 потпишало договор за адаптација вреден 69.698 илјади денари. Освен тоа, биле склучени и договор за надворешни скали од 1.741 илјада денари, два анекси за продолжување на рокот на изведба (истечен во јули 2018) и анекс за непредвидени работи од 2.598 илјади денари. Ревизијата констатира дека од 2018 до 2024 објектот нема технички прием, не е пуштен во употреба, а дел од него се користи, што доведува до руинирање и ја загрозува неговата наменска употреба.

    Неправилности има и во утврдувањето и пресметката на бруто платата на вработените во ЈСП, односно неправилна е примената на законските прописи и колективниот договор.

    „Поради необезбедена согласност на годишните планови за вработување на ЈСП „Скопје“ од страна на Советот на Град Скопје, потребата од човечки ресурси, јавното претпријатие ја обезбедува со ангажирање на 221 лице даватели на услуги/возачи кои треба да ја вршат основната дејност, во континуитет и за период подолг од две години, за кои во 2023 година се евидентирани расходи во износ од 381.805 илјади денари. Ваквата состојба укажува на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица и повластена положба во постапката на нивно ангажирање, како и непостојаност на кадарот кој треба да ги извршува редовните работни задачи во претпријатието“, запишале ревизорите.

    Исто така, ревизијата утврдила и нетранспарентност во постапките при давање во закуп на недвижностите, што влијае на помалку остварени приходи. Освен тоа, претпријатието како основач ги покрива и загубите на ЈСП Турс „Скопје“, во континуитет, преку позајмици, „иако финансиските показатели укажуваат на постоење на материјална неизвесност за способноста на друштвото да продолжи со рентабилно работење“. На крајот од 2023 година, побарувањата изнесуваат 21.731 илјади денари.

    Потребни се активности за отстранување на проблемите со кои подолг период се соочува претпријатието, за обезбедување континуитет во функционирањето, за подобрување на квалитетот и ефикасноста во извршувањето на јавниот превоз, за подигање на еколошките стандарди, нагласуваат ревизорите, кои за сето тоа дале препораки до надлежните институции и одговорните лица.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично