ПОВЕЌЕ

    СО ВИСОКИ КАЗНИ ДО НОРМАЛНИ ЦЕНИ – граѓаните очекуваат доследна примена на Законот за нефер трговски практики

    Време зa читање: 4 минути

    Шест месеци имаат добавувачите и купувачите на земјоделски и прехранбени производи да се прилагодат кон одредбите од Законот за нефер трговски практики. Исто толкав период за адаптација има на располагање и Комисијата за заштита на конкуренцијата, која доби дополнителни ингеренции за што ѝ се потребни ресурси и квалификуван кадар. Што значи, Законот кој ќе ги учи трговците на добро однесување и на општествена одговорност, а истовремено ќе ја сузбива нелојалната конкуренција и ќе ги регулира цените, ќе почне да се применува од септември.

    Според Законот, листата на производи е обврска на Министерството на економија, од каде веќе направија список со над 2.500 производи – прехранбени и земјоделски, кои ќе бидат со ограничена маржа на десет проценти. Конечното утврдување ќе следи откако стопанските комори ќе дадат свои предлози и сугестии. Засега се зборува за одредени видови млеко и млечни, житни, конзервирани производи, кафе…, од земјоделските артикли – домати, краставици, компири, лук и кромид, некои видови грав, грашок, боранија…, од овошјето – грозје, вишни, лимони, лубеници, мандарини…

    Законското решение кое е единствено во регионот и меѓу ретките во европската практика, опфаќа 26 нефер трговски практики кои ќе се средуваат преку неговата реализација. Конкретно, треба да се совлада непропорционалниот трансфер на економски ризик од еден на друг трговски партнер, да се елиминираат надоместоците во договорниот однос меѓу купувачот и добавувачот, кои ја зголемуваат малопродажната цена на штета на потрошувачите, да се воспостават рамноправни односи во трговските преговори меѓу деловните партнери…

    Очекувањата од примената на законските одредби се големи. Сепак, откако со последниот ден на февруари истече рокот на владините мерки за гарантирани цени, трговците полека олабавуваат и прехранбените призводи поскапуваат. Иако не се работи за ценовни шокови, потрошувачите веќе се жалат на одделни зголемувања, посочувајќи дека некои производи, пред сѐ земјоделски, сега се поевтини во маркетите отколку на зелените пазари, наведувајќи ги како пример компирите, кромидот, морковот и цвеклото.

    Доколку, пак, трговците претераат, според зачестените најави на министерот за економија, Крешник Бектеши, ќе се посегне по веќе видените мерки, од типот на ново замрзнување, казни, па сѐ до затворање на синџирите маркети кај кои ќе се утврдат неосновани ценовни поместувања. Притоа, наведе дека верува во општествената одговорност, особено на големите синџири, но и покрај тоа упати повик до производителите да не склучуваат договори под притисок со трговците и со маржи до 30 проценти од цената на производите.

    Цените ќе се стабилизираат со новиот Закон за нефер трговски практики, смета и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи. За него ова е системско решение, ново согласно директивите на Европската унија, па затоа и го нема насекаде низ Европа.

    И лидерот на СДСМ, Димитар Коачевски, знае дека има зголемување на цените кај некои прехранбени производи, но Законот ќе внесе ред во маржите, вели во интервју за „Слободен печат“. Според него, законското решение е донесено токму поради тоа што голем дел од компаниите покажале неодговорност кон граѓаните во време на светските кризи.

    За тие што и понатаму ќе бидат неодговорни, Законот предвидува високи казни. За употреба на значителна преговарачка моќ со наметнување нефер трговски практики, што би значело непочитување на роковите на плаќање, неутврдени деловни услови во договорот кој мора да е во писмена форма и слично, се предлага глоба од 1.000 до 2.000 евра за микро трговец, од 2.000 до 4.000 евра за мал трговец, од 6.000 до 12.000 евра за среден трговец и од 10.000 до 20.000 евра за голем трговец. За одговорните лица, пак, се предлагаат казни во распон од 50 до 500 евра, зависно од глемината на фирмата. За трговец поединец е предвидена глоба од 300 до 500 евра, исто како и за физичко лице.

    За полесни прекршоци се сметаат непостапувањето по заклучокот на Комисијата за одлучување по прекршок за доставување податоци во определен рок, давањето неточни или нецелосни податоци, спречување влез во делов ни простории, оневозможување увид во деловните книги и документацијата… За овие и други наведени пропусти, казните се движат од 500 до 750 евра за микро трговец, од 1.000 до 1.500 евра за мал трговец, од 3.000 до 4.000 евра за среден трговец и од 5.000 до 6.000 евра за голем трговец. Глоба ќе плати и одговорното лице, од 50 до 500 евра, согласно големината на фирмата.

    Всушност, главното очекување е дека практичната примена на Законот за нефер трговски практики ќе придонесе за стабилизација на цените, па граѓаните се надеваат дека законските одредби навистина ќе имаат доследна и неселективна реализација во трговијата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично