ПОВЕЌЕ

    „Мода“ ќе ја покрива загубата со акумулираната добивка, има дивиденда и за акционерите

    Време зa читање: 3 минути

    Со минус од над 307,6 илјади евра „Мода“ од Свети Николе ја заврши минатата година, и покрај тоа што и приходите и вредноста на извозот се повиски во однос на 2022. Загубата ќе се покрива со акумулираните добивки од претходниот период, од 2018, 2019 и 2022 година. Оваа одлука ќе се разгледува и за неа ќе се гласа на Собранието на акционерите закажано за 16 април.

    Предлогот за санирање на загубата од 18.949.841 денар предвидува искористување на 9.827.245 денари или близу 160 илјади евра од позитивата остварена во 2022, 6.943.349 денари (112,7 илјади евра) од 2019 и 2.179.247 денари (над 35 илјади евра) од акумулираната добивка за 2018 година.

    Во текот на 2023, од редовното работење светиниколската конфекција бележи приходи од 246.736.993 денари (над четири милиони евра), за 21 насто повисоки од оние во 2022. Шевовите ги кинат трошоците од 265.147.569 денари (4,3 милиони евра), заедно со финансиските расходи од 1.660.182 денари (близу 27 илјади евра).

    На резултатите влијаела и извозната активност, за девет проценти послаба од 2022 година. Сепак, постигната е вредност од 3.415.299 евра, која е за 22 насто поголема од годината пред тоа. Повисока за 32 насто е просечната извозна цена – 4,7 евра.

    Како што посочуваат од „Мода“, работата налагала и ангажирање работници од агенциите за времени вработувања, па се остварени за 2,6 насто повеќе ефективни работни часови во однос на 2022 година.

    Сепак, бидејќи претходните години добро се работело, дивиденда ќе има и за акцонерите, кои ќе поделат вкупен износ од 9.233.930 денари или околу 150 илјади евра, при што пресметката ќе се врши по бруто 6,45 денари за акција. Средствата се обезбедени од добивките реализирани во деловните 2016, 2017 и 2018 година.

    „Мода“ е редок пример меѓу компаниите, која јавно ги објави примањата на членовите од Одборот на директори.

    Како што е наведено, извршниот директор Ангел Димитров има бруто плата од 2.055.490 денари (33,3 илјади евра), а нето – 1.337.145 денари (над 21,7 илјади евра). Лани добил К-15 од 8.055 денари бруто, односно 7.250 денари нето. Не прима надомест за членство во Одборот на директори.

    Бруто платата на неизвршниот директор Манфред Михалски е 732.143 денари (близу 11,9 илјади евра), а нето 484.810 денари (речиси 7,9 илјади евра). Добил регрес за годишен одмор од 16.111 денари бруто, односно 14.500 денари нето. И тој не добива надомест за членство во ОД.

    На неизвршната директор Мара Саздовска месечно и се исплатува надомест за членство во Одборот од бруто 133.332 денари (над две илјади евра), а нето – 120.000 денари или околу две илјади евра.

    Неизвршниот директор Владимир Стојанов има бруто плата од 1.152.022 денари (18,7 илјади евра), односно нето од 756.930 денари (скоро 12,3 илјади евра). Добива и надомест за членство во ОД – 133.332 денари бруто, 120.000 денари нето.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично