Извоз – 183,9 милиони евра, инвестиции – 28,3 милиони евра, нови вработувања – 232. Од прва може да се претпостави дека зад овие бројки стои цврсто позиционирана компанија, во која секој придонесува во остварувањето на амбициите и зацртаните цели. За „Алкалоид“ тоа успешно го одработуваат 2.843 ангажирани, предводени од менаџментот, а од резултатите може да се забележи дека секој е распореден на вистинското место.
Што сѐ постигнале за една година?
Добивката, како краен ефект од сите активности и главен показател за успешноста, е зголемена за осум проценти. Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) изнесува 2.572.485.548 денари (41,7 милиони евра), а единечната нето-добивка е 1.520.546.813 денари (24,7 милиони евра).
И консолидираната добивка има осумпроцентен раст. Пред ЕБИТДА – 2.750.020.561 денари (44,6 милиони евра), а консолидираната нето-добивка е во износ од 1.576.864.006 денари или 25,6 милиони евра.
Од пласманот на сопствените производи и услуги, скопски „Алкалоид“ во текот на 2023 година за 16 проценти ги зголемил приходите од продажба. Достигнуваат вредност од 12.261.902.275 денари (над 199 милиони евра) според единечниот биланс на успех, односно 16.512.977.886 денари (повеќе од 268 милиони евра) како вкупни консолидирани продажби.
Довербата, пак, што многумина и во и надвор од границите на Македонија ја имаат во производите со знакот на „Алкалоид“, се согледува преку податоците кои се движат по нагорна линија. На домашен терен консолидираните продажби се зголемени за 13 насто, додека извозот има раст од 17 проценти. Понатаму, од вкупните продажби (консолидирани) – 31 отсто се на нашиот, а 69 проценти на странските пазари. На тие простори 29 проценти се реализирани во земјите од Југоисточна Европа, 22% во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА), во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) – 17 %, а на другите пазари е остварен еден процент од вкупните консолидирани продажби.
Споредено со претходната 2022, најголем пораст кај поголемите извозни пазари бележат продажбите во Канада, зголемени се за 62 пати. Следува Италија со натфрлање од 35 пати, па Јужна Африка за 5 пати, Чиле за повеќе од 4 пати, а во Чешка и во Велика Британија – за повеќе од двапати.
Во Монголија производите на „Алкалоид“ во продажбите имаат раст од 87 насто, во Ерменија 69%, во Романија 66%, во Албанија 33%, Украина – 26%, Бугарија – 15%, Хрватска – 13%, Босна и Херцеговина – 11%), во Србија – 9 проценти…
Доминантни во побарувачката на производите што излегуваат од најголемата и најуспешна македонска фармацевтска компанија се од сегментот фармација. Во структурата на вкупните консолидирани продажби зафаќаат 90 проценти. Меѓу нив, поголем удел имаат антибиотиците со 27 отсто, препаратите ОТЦ со 19%, невролошките препарати со 12%, кардиолошките препарати со 12 проценти… Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 проценти во вкупните консолидирани продажби: хемија со 2%, козметика со 7% и билкарство со еден процент. Притоа, вкупните продажби бележат раст кај профитните центри фармација и козметика од 18, односно 10 насто.
Развојот на компанија каква што е „Алкалоид“ налага и инвестиции. Во период од една година во основни средства се вложени 1.741.561.257 денари или 28,3 милиони евра, кои во споредба со 2022 година се повисоки за 18 насто. Зголемувањето на ова поле се базира на најголемиот инвестициски проект што фармацвтската куќа го реализирала во последните 20 години. Станува збор за новото производствено одделение за производство на цврсти форми. Со тоа, капацитетите за производство на цврсти форми се зголемени за повеќе од двапати.
Подолго време оваа компанија важи за најпосакуван работодавач. Во „Алкалоид“ лани биле реализирани 232 нови вработувања. Оттаму, Групацијата функционира со 2.843 вработени – 2.155 во земјава, а 688 во капитално поврзаните друштва во странство. Сите тие во март минатата година добиле регрес за користење годишен одмор од 36.500 денари, а во декември и новогодишен надомест од 34.000 денари.
Инаку, во извршувањето на оперативните активности компанијата ангажирала и повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
Потврда за реномето на „Алкалоид“ се и акциите. На официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност котираат од 2002 година. Имаат статус на едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Во текот на минатата година цената се движеше од 17.199 до 18.500 денари или просечно 17.781,93 денари за акција. На последниот ден од 2023, акциите биле во сопственост на 5.487 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше речиси 26 милијарди денари или околу 422 милиони евра.
Што се однесува до дивидендата, акционерите лани за акција добиле нето-износ од 441 денар (од добивката остварена во 2022). Во вкупно исплатен бруто-износ од 701.363 илјади денари (11,4 милиони евра).
Повеќе од веројатно е дека годинава компанијата ќе ги надмине досегашните рекордни нивоа. Само за потсетување, оваа 2024 веќе е обележана со знакот на „Алкалоид“, преку иновативното решение кое има третман на светско историско достигнувања – „омепрезол“ во течна форма.
Според, бизнис планот, годинава се предвидени инвестиции кои ќе искористат околу 10 проценти од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства. Исто толкав процент е зацртан како раст кај консолидираните продажби, а се смета на профит повисок за седум насто во однос на минатата 2023 година.
„Очекуваме во 2024 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во новите производни капацитети и опреми и вложувањата во развојно-истражувачките проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и усовршување на нивото на знаења и вештини на нашите вработени и градење на таленти“, посочуваат од компанијата.
М.А.