Добрите вести брзо се шират. Иновацијата на „Алкалоид“ – создавањето на првиот „омепрезол“ во течна форма ги надминува границите на државата и за него се зборува во регионот и пошироко како историски дострел во светот на фармацијата. Притоа, се потенцира значењето на вака „форматираниот“ лек, кој носи олеснување за илјадници пациенти, но и за посветеноста и ориентираноста на македонската фармацевтска компанија во создавањето лекови со додадена вредност. Цел, до која се доаѓа со знаење, истражување и инвестиции, што понатаму обезбедува ефикасен и одржлив синџир на снабдување ширум светот.
На патентираниот „омепразол“ и на огромниот успех на македонската реномирана фармацевтска куќа се осврнува и хрватскиот „Лидер“, кој пишува за залагањата на „Алкалоид“ во осмислувањето лекови со додадена вредност, кои овозможуваат лекување и задоволување на потребите на поединци или одредени групи пациенти. Во текстот посебно се нагласува дека иновацијата е заснована на посебни раствори содржани во пакување со две комори, кои при отворањето автоматски се мешаат, а крајниот резултат е течниот омепразол – готов за употреба, со кој се излегува во пресрет на децата и на возрасните кои имаат проблем со голтањето таблети.
Воедно во текстот се потсетува дека омепразол на „Алкалоид“ го доби првиот меѓународен патент за лек со додадена вредност, а одобренија за продажба има во Обединетото Кралство и секако, во Македонија, а во тек се и процедурите за регистрација во европските земји и на пазарите во Европската унија.
„Овој производ ја нагласува посветеноста на ‘Алкалоид’ за извонредност во подрачјето на фармацијата и претставува чекор напред во генеричкото производство на лекови преку иновации, пазарна диференцијација и лекување на специфични групи пациенти. Во моментот, во развојните лаборатории на компанијата се работи на уште неколку иновативни формулации“, пишува на крајот од текстот, со кој „Лидер“ ја информира хрватската јавност за големото остварување во светската фармација постигнато од македонскиот „Алкалоид“.
„Алкалоид“ е добрата вест што излегува од Македонија и се шири низ светот.