ПОВЕЌЕ

    Трета берзанска аукција за топланата „Скопје Север“ – „сѐ или ништо“ за 350.000 евра

    Време зa читање: 2 минути

    Преку берзанска аукција во понеделник за топланата „Скопје Север“ повторно ќе се бара нов сопственик, бидејќи актуелниот – АД „Топлификација“ е во стечај. Како и во претходните обиди, иницијативата е на Комерцијална банка, а продажбата ќе се реализира според моделот „сѐ или ништо“. Што значи, во пакет, преку една трансакција. Овојпат цената е речиси трипати пониска во споредба со другите две понуди.

    „Ве известуваме дека на 26.02.2024 година (понеделник), на барање на членката Комерцијална Банка АД Скопје, по пат на јавна берзанска аукција на акции при продажба на големи пакети на акции (согласно Анекс 4 од Правилата за тргување на Македонска берза АД Скопје) од страна на продавачот Топлификација АД Скопје-во стечај ќе се понуди за продажба пакет од 77.414 обични акции издадени од Скопје Север АД Скопје што претставува 99,98% од основната главнина на друштвото, со почетна продажна цена од 278,00 денари по акција преку моделот ‘сѐ или ништо’“, пишува во информацијата објавена на Македонска берза.

    Според наведените податоци, евентуалниот купувач треба да плати над 21,5 милиони денари, или речиси 350 илјади евра. Пребарувањето покажа дека на оваа јавна аукција „Скопје Север“ може да се добие во сопственост по скоро преполовена цена. Во септември лани, топланата се нудела за 605 илјади евра. Пакетот е истиот – 77.414 обични акции. Се барале по 482 денари за акција. А, една година претходно – 780 денари акција. Или, за сите акции, што значи 99,98 проценти од основната главнина на друштвото, бил предвиден износ од околу 980 илјади евра.

    Од аукција до аукција вредноста на „Скопје Север“ е падната за близу три пати. Можеби по двете досегашни „ништо“, последнава цена ќе обезбеди „ сѐ“. Сепак, дали некој ќе реши да ја земе под свое топланата, ќе се знае во понеделник.

    Инаку, јавната берзанска аукција за продажба на големи пакети акции се организира така што продавачот дава понуда согласно утврдените услови, а заинтересираните потенцијални купувачи наддаваат. За аукцијата можат да се пријават и домашни и странски правни и физички лица.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично