Експлозија го означи почетокот на градежните активности за пробивање на трасата на автопатот Гостивар – Букојчани, во изведба на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Се минира теренот во близина на стариот рудник, каде што ќе минува делницата од Коридорот 8 во должина од 30 километри, која со автопат треба да ги поврзе Гостивар и Кичево.
И овој пат, по двете фото-сесии на владиниот врв и поканетите гости, првата на четврти април и втората на 12 мај, во чест на откриената табла, односно на камен-темелникот на делниците Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола, стартот беше пригодно обележан. Во присуство на првиот вицепремиер и воедно координатор на активностите за изградба на коридорите 8 и 10д, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми и амбасадорката на САД, Анџела Агелер. И, иако досега беше невидливо што и дали нешто се работи, на „Бехтел и Енка“ веќе им се исплатени две транши во вредност од над 170 милиони евра. До крајот на декември и остатокот до првичниот праг од 240 милиони евра. Но, како што вели вицепремиерот, „изградбата започнала со потпишување на договорот“.
Со ова се остваруваат дадените ветувања, а коридорите ќе се изградат во рекордно време и на најквалитетен начин, тврди Груби. Како што наведе, избрани се проектанти, направени се елаборати, истражувања, има одобрение за пристапните патишта до главната траса.
Сепак, апелираше граѓаните да се пријават за вработување, бидејќи, на конзорциумот му се потребни околу две илјади работници. Тоа го потврди и одговорниот од „Бехтел и Енка“, Џошуа Бејкер: „Почнуваме со 300 вработени, а ќе ни требаат повеќе од две илјади луѓе до средината на следната година. Тие треба да аплицираа на нашата веб страница, во делот на човечки ресурси“. Воедно, нагласи дека ги следат меѓународните стандарди за ангажирање подизведувачи и дека ги ревидираат и избираат најдобрите. А, од засега 37-те подизведувачи, 36 се македонски компании.
Откако Владата го склучи договорот со „Бехтел и Енка“ во четири очи, скандали и контроверзи се надоврзуваат во континуитет. Последно е дека меѓу ангажираните фирми е и „Еуровиа“, донаторот на ДУИ. Бејкер избегна да одговори на новинарско прашање, но затоа Груби е дециден – тоа е обврска и одговорност на конзорциумот, па ниту Владата, ниту било која политичка партија или министер не смее, не си дозволува и нема право и никаква можност да влијае врз изборот на подизведувачи на конзорцуимот „Бехтел и Енка“.
Неодамна и „Социетас цивилис“ излезе со анализа на пропустите што го следат случајот, кои се појавиле, како што беше наведено – уште пред да се склучи договорот со американско-турскиот конзорциум. Меѓу другото, беше посочено дека се почнало со кршење на Законот за лобирање, па продолжило без проценка за влијанието на регулативата, без анализи и заштитен механизам за контрола, со злоупотребеа на европското знаменце… И, ни Владата, ни Собранието, ни претседателот на државата при толку очигледни пропусти, не преземале ништо, и со тоа овозможиле ризикот од корупција понатаму да може да се озакони. Па, препорачаа државата да го заштити системот на носење одлуки со што ќе се заштити јавниот интерес и ќе се намали можноста за евентуални коруптивни дејства.
Поради сомневањата за можна корупција, Комисијата за спречување на корупцијата и Обвинителството отворија предмети, а случајот се истражува.