Цената на суровата нафта од типот Брент во 2022 година порасна за околу 10 насто, откако во 2021 година порастот беше 50 насто. Цената на американската сурова нафта WTI порасна за речиси 7 насто во 2022 година, по растот од 55 насто во претходната 2021 година. Овие движења на двата клучни параметри на глобалниот нафтен пазар, следуваат по нивниот силен пад во 2020 година, предизвикан од намалената побарувачка за горива поради пандемијата од КОВИД-19. Постоеше висока неурамнотеженост на цените на суровата нафта и на нафтените деривати во текот на 2022 година.
Во месец март имаше силен раст предизвикан од војната во Украина, со што се помести глобалниот тек на суровата нафта на светско ниво, при што нафтата Брент достигна 139,13 $/bbl, што е највисоко ниво од 2008 година. Во втората половина од годината, цените брзо се намалија, како резултат на чекорите преземени од централните банки за запирање на растот на инфлацијата, при што цената на нафтата Брент падна до 80 $/bbl на крајот од годината.
Вака накусо, Регулаторната комисија за енергетика во Извештајот за 2022 година ги сумираше случувањата со нафтата на глобално ниво. Растот на цените, генерално се одрази и на приходите на компаниите што во нашата земја се занимаваат со нафтени деривати. Но, дали инфлацијата што влијаеше на намалувањето на животниот стандард на населението, и зголемените трошоци на фирмите, доведоа до намалување на купување нафтени деривати и дали има пад на добивките на нафтените компании?Сепак, чесно е да споменеме и дека Регулаторната комисија за енергетика ја определува цената, вклучувајќи и маржата на нафтените деривати.
Анализата што ја направи порталот Пари покажува дека двете водечки компании во бизнисот со нафтени деривати, Окта и Макпетрол, имаат спротивни резулатати. Сепак, тие и во самиот нафтен бизнис имаат различни активности. Окта, со речиси 71 процентно учество во вкупниот увоз на нафтени деривати, е најголем трговец на големо што испорачува гориво и за бензинските пумпи на Макпетрол, а има и свои бензиски пумпи. Макпетрол, пак, држи една третина од вкупниот број на бензиски пумпи во државава. Окта минатата година прикажала раст на добивката од 44 насто, додека Макпетрол имал пад од 6 насто. Но, и покрај падот на добивката, Макпетрол минатата година остварила рекорден профит во однос на сите фирми што се занимаваат со некакви нафтени деривати. Сепак, приходите на „Макпетрол“ не се само од нафтата туку, компанијата има и други дејности како што се: гасот, дополнителниот асортиман во продавниците , продажба на асортиман од познатиот бренд за компјутреи и технолошки решенија DELL и хотелот во Струга.
Податоците покажуваат дека петте компании со најголема добивка во нафтениот бизнис лани оствариле вкупен профит од над 44 милиони евра.
НАЈГОЛЕМАТА ГОДИШНА ДОБИВКА Е 22,3 МИЛИОНИ ЕВРА
Најголем профит остварил Макпетрол, кој лани направил заработка од 21 милион евра, но сепак тоа е помалку од прекланските 22,3 милиони евра. Она што паѓа в очи е што иако има намалена добивка од 6 насто, има значителен раст на приходот од 67 насто, и тој во 2022 година изнесувал 611,5 милиони евра.
Увозот и продажбата на нафтените деривати ѝ донеле на Окта приход од речиси 1 милијарда евра и тој е за 129 насто поголем отколку во 2021 година, додека профитот ѝ се зголемил за 44 насто и лани таа остварила добивка од 8,9 милиони евра.
На трето место по добивка е РКМ. Пари веќе пишуваше дека оваа компанија има најголем раст на добивка, од дури 2.746 насто, и ги објави интересните факти за компанијата и нејзиниот сопственик Ратко Капушевски (http://pari.com.mk/kapushevski-so-najgolem-rast-na-dobivka-vo-nafteniot-biznis-negovoto-ime-beshe-dezurno-vo-javnosta/). РКМ најмногу е ориентирана кон бизнисот со мазут и лани остварила добивка од 6,2 милиони евра со направен приход од 110,8 милиони евра.
Лукоил е на второ место по број на бензиски пумпи во Македонија. Од вкупно 376 бензински пумпни станици, оваа компанија има 35. Приходот на компанијата во 2022 година во однос на 2021 година се зголемил за 58 насто, достигнувајќи 152,9 милиони евра, а добивката се зголемила за 83 насто, достигнувајќи 4,9 милиони евра.
Петтата позиција од најпрофитните компании ја држи Пуцко петрол. Лани направила добивка од 3,2 милиони евра, што е 12 насто помалку од 2021 година, иако има раст на приходот за 67 насто, со што приходите ѝ биле 80,4 милиони евра.
ТОП 5 нафтени компании по добивка во 2022 година
(во евра)
Извор: БизнисМрежа.мк
ОКТА СО ГОДИШЕН ПРИХОД ОД РЕЧИСИ ЕДНА МИЛИЈАРДА ЕВРА
Како што може да се види од податоците, да си најголем по добивка не значи и да си најголем по приход. Со профитна маржа од 1 насто (учество на нето-добивката во вкупните приходи), Окта го држи второто место по добивка, но со прометот од речиси 1 милијарда евра, таа е неприкосновено на првото место по приход.
На второто место по приход е Макпетрол, со реализиран промет од 611,5 милиони евра, но со профитната маржа од 3,4 насто таа си обезбеди прво место по добивка.
РКМ, пак, иако не е во петте најголеми компании по приход, со профитна маржа од 5,6 насто успеала да влезе во петте најголеми компании по профит.
Исто е и со Пуцко петрол, која лани имала профитна маржа од речиси 4 насто – и неа ја има во ТОП 5 компании со најголеми добивки, а ја нема во ТОП 5 компании со најголеми приходи.
Од друга страна, Супертрејд и Дади оил ги има во најголемите компании по приход, но не и по профит. Супертрејд има профитна маржа од само 0,2 насто, односно речиси сѐ што влегло како приход е претворено во расход, додека Дади оил од виничкото село Јакимово направила профитна маржа од 1,3 насто.
Податоците покажуваат дека петте најголеми компании по приход од нафтениот бизнис направиле вкупен промет од над 2 милијарди евра.
ТОП 5 нафтени компании по приход во 2022 година
(во евра)
Извор: БизнисМрежа.мк
Редакција Пари