ПОВЕЌЕ

    КАПУШЕВСКИ СО НАЈГОЛЕМ РАСТ НА ДОБИВКА ВО НАФТЕНИОТ БИЗНИС, НЕГОВОТО ИМЕ БЕШЕ „ДЕЖУРНО“ во јавноста

    Време зa читање: 4 минути

    Раст на добивка од дури 2.746 насто има Друштвото за производство, трговија и услуги РКМ ДОО Скопје. Минатогодишната добивка на оваа компанија со нафтен бизнис изнесувала 6,2 милиони евра, додека добивката во 2021 година била 220.000 евра. За една година има и драматичен раст на приходите, тие во 2022 година изнесувале 110,1 милиони евра, додека во 2021 година приходот бил „само“ 8,4 милиони евра, покажуваат податоците од платформата Бизнис мрежа, во анализата на порталот Пари што ќе има повеќе продолженија, а која се однесува на финансиските податоци за компаниите што работат со нафтените деривати во Македонија.

    Растот на приходот и на добивката на РКМ во 2022 година не е за изненадување, ако се потсетиме на тоа дека компанијата е избрана од страна на ЕСМ за снабдувач со мазут на ТЕЦ „Неготино“ и дека за набавките на мазут има склучено два договори со вредност од околу 112 милиони евра. Во 2022 година и БЕГ склучи договор вреден 39,2 милиони евра со РКМ за набавка на мазут.

    Но, кои се другите факти за РКМ?

    Еден од сопствениците на компанијата РКМ – Ратко Капушевски е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, кој сосема млад стана директор на спортскиот центар „Борис Трајковски“, а беше и директор на СИС Инвест Груп на рускиот магнат Сергеј Самсоненко. Денеска, со свои 37 години, се смета за еден од водечките бизнисмени со нафтени деривати.

    РКМ, покрај Ратко Капушевски, во 2022 година доби уште еден сопственик – Ерџан Сулкоски, бизнисмен од Кичево и сопственик на Пацифик Петролеум.

    Компанијата РКМ особено го привлече вниманието на јавноста во 2021 година кога во емисијата КОД се поврза со вратени цистерни мазут од страна на хрватските цариници поради недозволени канцерогени количини во горивото. Компанијата ги негираше обвинувањата и рече дека е старт-ап компанија која е на удар во изминатиот период од две години од компанија која финансира медиуми и сака да го спречи нивниот развој на пазарот. Од РКМ потенцираа и дека целиот нивен узвоз е строго контролиран од Царината. Од Царинската управа, пак, соопштија кои се нивните надлежности и, меѓу другото, информираа дека Царината преку царинската лабораторија врши задолжителна контрола единствено на содржината на сулфурот. Доколку мазутот содржи поголема количина сулфур од дозволеното, тој физички не смее да влезе во државата.

    Сепак, веста објавена во КОД предизвика лавина прашања од медиумите, но ги извади и институциите на терен. Во јавноста се споменаа и многу други компании од бизнисот со мазут. За РКМ, завршницата беше тоа што Регулаторната комисија за енергетика почна постапка за одземање лиценца поради тоа што немаше доволни количини мазут на залиха – она за што е надлежен регулаторот. Постапката за одземање лиценца, всушност, е постапка со рокови, во која компанијата може да ги коригира своите залихи, што очигледно и се случи и РКМ си ја задржа лиценцата. РКМ беше спомената и за сметководствени пропусти за што имаше изречено парична казна. За компанијата РКМ се изречени и дополнителни давачки и прекршоци поради тоа што мазутот го декларирале како нафтен дериват за кој не е предвидено плаќање акцизи, извести тогаш Регулаторната комисија.

    Во 2021 година Бислимоски кажа и дека РКЕ нема надлежност за компаниите кои немаат лиценци за вршење енергетска дејност, но посочи дека токму Регулаторното тело било првата институција која ги запознала останатите институции во државата дека Евротим и РКМ купувале мазут од страна на Блу енерџи или Блу технолоџи, која немала соодветна лиценца за вршење енергетска дејност.

    На официјалната веб-страница на РКМ пишува: „РКМ е нафтена компанија која е основана во 2015 година. РКМ оперативно започнува со дејност трговија со цврсти течни и гасовити горива во 2019 година, со продажба на петролеум кокс и битумен. Во 2020 година, согласно со своите развојни цели, започнува со продажба на МАЗУТ М1, за во 2021 година да стане препознатлив бренд во Балканскиот енергетски сектор. Во 2022 година имплементира висококвалитетни едукативен и партнерски прогрес каде согласно со зелената програма и политика на Европската Унија започнува да работи со природен гас. Основната цел и мисија на РКМ Скопје е да биде доверлив и долгогодишен партнер и снабдувач со енергeнси на индустриски капацитети на територијата на Западен Балкан“.

     

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично