ПОВЕЌЕ

    РАСТАТ И ДЕПОЗИТИТЕ И КРЕДИТИТЕ: Населението со кредитен долг од 3,4 милијарди евра

    Време зa читање: 3 минути

    Депозитите во вкупен износ во мај се зголемени за 10,7 проценти на годишно ниво, а кредитите за 6,5 насто. Во тие движења поголемо е учеството на граѓаните, отколку на фирмите и компаниите, покажуваат најновите податоци на Народната банка за монетарните движења.

    На месечно ниво депозитите во петтиот месец од годината пораснале за 1,9 насто, а тоа е ефектот од зголемениот интерес за депонирање влогови, каде што е поголем придонесот на корпоративниот сектор.

     

    Кај кредитите месечниот раст е 0,9 проценти, а за тоа се заслужни речиси подеднакво и домаќинствата и корпоративниот сектор.

    Што се однесува до корпоративниот сектор, вкупните депозити во мај се зголемени за 5,3 насто на месечно ниво. Во однос на истиот месец лани растот е 17,8 проценти. Кредитите, пак, за еден месец се повисоки за еден насто, а на годишно ниво – 6,5 проценти. И тоа, поголем дел од одобрените кредити се во странска валута.

    Банкарските заштедите на граѓаните во мај оствариле раст од 0,6 насто. Споредено со состојбата од пред една година, се бележи зголемување од 8,7 проценти. Притоа, депозитите се и во денари и во девизи.

    Истиот месец, за 0,9 проценти се зголемила задолженоста на населението кај банките, што на годишно ниво претставува раст од 6,5 насто. Или, долгот изнесува 3,4 милијарди евра. Поголемиот дел од кредитите се во странска валута.

    Од аспект на намената, доминираат потрошувачките и станбените кредити, кои бележат месечен раст од 0,9 и еден процент, соодветно. Оттаму, годишното зголемување е 6,2 и 10,9 насто.

     

    Побарувачката на автомобилски кредити придонела за месечен пораст од 1,2 и за годишен од 3,2 проценти.

    Преку кредитните картички задолжувањето во мај е повисоко за 0,3 насто, додека на годишна основа е намалено за 0,4 отсто. Кај негативните салда, пак, на тековните сметки е забележан месечен и годишен пораст од 2,7 и 2,1 процент, соодветно. Намалување и на месечно и на годишно ниво има и кај кредитите одобрени врз други основи – за 1,4 и 15,4 отсто.

    Инаку, според информациите од Народната банка, кај паричната маса во мај има зголемување од 1,4 насто. Анализирано на годишно ниво, растот е за 9,8 проценти, што во најголем дел се базира на депозитите.

    Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично