ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска на конференција на ММФ и ХНБ: За раст на регионот се потребни структурни реформи и дополнителни финансии

    Време зa читање: 3 минути

    Ризикот од фрагментација на глобалната економија, односно деглобализацијата, е еден од трите најголеми глобални ризици, заедно со кризата на трошоците на животот и климатските ризици, а на тоа упатува последниот извештај на Светскиот економски форум. Процесот на деглобализација може особено неповолно да делува на малите економии, кои по својата природа се повеќе зависни од надворешна трговија и пристап до надворешно финансирање, смета гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Таа своите ставови ги изнесе во дискусијата како учесник на тркалезната маса, во рамките на конференцијата „Водење политики во немирни води: Јакнење на отпорноста на Централна, Источна и Југоисточна Европа“, во организација на Хрватската народна банка и Меѓународниот монетарен фонд.

    „Пандемијата и последиците од војната во Украина се еден од најголемите стрес-тестови на повеќедеценискиот процес на глобализација. Според некои оцени, процесот на глобализација во изминатите четири децении овозможи зголемување на глобалниот доход за околу 10 насто во изминатата декада. Деглобализацијата е особен ризик за земјите од регионот, кај кои поради евентуалното намалување на трговските текови, како и на тековите на капитал, труд и технолошки иновации, може значително да се намалат потенцијалот за раст и реалната конвергенција“, посочи гувернерката во своето излагање.

    Во овие економии во изминатите две декади, трговската интеграција значително се зголеми, достигнувајќи 113 проценти од БДП, а зголемување бележат и финансиските текови, особено преку странски директни инвестиции. Сето ова овозможи пренесување финансии, знаење и технологии од поразвиените економии, а со тоа и забрзана реална конвергенција, која во просек се зголеми за околу 30 п.п. Сепак, во земјите од Западен Балкан овој процес е побавен, поради што ризикот од деглобализација е особено голем предизвик.

    Земјите од Западен Балкан, коишто воедно и не се дел од ЕУ, имаат пониско ниво на доход, кое е само околу 40 отсто од доходот на Унијата, а поголеми потреби за инвестиции во инфраструктура. Ваквите состојби, како и новите предизвици кои ги донесе енергетската криза и потребата за поголема дигитализација уште повеќе ја истакнуваат улогата на глобализацијата во развојот на овие економии. Оттука, неопходно е да им се посвети поголемо внимание на структурните реформи со кои ќе се намали нивната ранливост и ќе се зголеми отпорноста на шокови, а воедно ќе се подигне и нивниот потенцијал за раст. Меѓународните институции можат да го поддржат овој процес преку дополнително финансирање, а особено за земјите кои не се членки на ЕУ и немаат пристап до европските структурни фондови.

    Конференцијата ја отвори директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, заедно со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ. Се работи за Конференција од висок профил, која традиционално ги обединува гувернерите на централните банки, како и министрите за финансии од регионот на ЦИЈЕ и високи претставници на меѓународни финансиски организации.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично