ПОВЕЌЕ

    Гувернерката пред дипломатскиот кор: Инфлацијата се намалува, на среден рок ќе се сведе под три проценти

    Време зa читање: 3 минути

    Минатата година просечната инфлација изнесуваше 14,1 процент, во целост согласно со нашата проекција од 14,2 проценти, а и остварувањата од почетокот на годинава се совпаѓаат со нашата проекција за 2023. Имајќи ги предвид досегашните остварувања, како и проекциите на меѓународните финансиски институции за пад, односно стабилизирање на цените на храната и енергијата, затегнувањето на монетарните услови и другите мерки, се предвидува забавување на инфлацијата, односно таа би се свела на едноцифрено ниво од 8 до 9 проценти за годинава, а потоа на среден рок би забележала натамошно намалување и сведување под три проценти, како што беше и октомвриската проекција – гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции.

    „Со оглед на геополитичките случувања, ризиците околу проекцијата за инфлацијата и натаму постојат, но засега проекциите на МФИ предвидуваат поголем пад на цените на примарните производи, што упатува и на одредени надолни ризици. Потребно е и внимателно следење на сите мерки кои влијаат на агрегатната побарувачка“, посочи гу вернерката.

    На презентацијата таа истакна дека идната поставеност на монетарната политика ќе зависи од динамиката на инфлацијата и инфлациските очекувања, но и од движењата на девизниот пазар и нивото на девизните резерви. Во моментов, надворешната позиција на домашната економија во овој циклус се оценува како поповолна, при значително помал притисок врз тековната сметка во 2023 година, пред сѐ заради падот на цените на енергентите. Ова позитивно се одразува на девизните резерви. Во услови на очекувани солидни текови во финансиската сметка, се очекува дека девизните резерви и натаму ќе растат на збирна основа и ќе се задржат на соодветно ниво, што е потребно за одржување стабилен курс на денарот.

    За очекувањата за економската активност Ангеловска-Бежоска наведе дека растот на македонската економија во 2023 година се очекува да биде 2,1 насто, еднаков со остварениот претходната година, а потоа на среден рок би забрзал на 3,6 во 2024 и на 4 проценти во 2025 година.

    „Растот на економијата ќе продолжи да биде поддржуван од банкарскиот систем со стапка на кредитен раст од 5,7% во 2023 година. На среден рок се очекува забрзување на растот на кредитната активност, согласно со очекувањата за подинамичен економски раст и стабилизација на очекувањата. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, кој е главен извор на финансирање. Годинава се очекува забрзување на растот на депозитите кој би изнесувал 6,9%, како и натамошен солиден раст во следните години, заедно со закрепнувањето на домашната економија и зголемена куповна моќ на населението“, потенцира гувернерката на Народната банка.

    На настанот, кој се организира редовно по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа претставници на Меѓународниот монетарен фонд, Обединетите нации, Програмата за развој на ОН (УНДП), делегацијата на Европската Унија, како и на дипломатските претставништва на Албанија, Словачка, Бугарија, Холандија, Кина, Италија, Франција, Швајцарија, Шпанија, Косово, Шведска, Унгарија, САД, Грција, Германија и Словенија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично