Првото годинешно тримесечје акционерското друштво „Макпетрол“ заедно со подружниците го заврши со добивка пред оданочување во износ од 94,6 милиони денари, односно 1,5 милиони евра. Разликата е очигледна во споредба со оствареното во истиот период лани, кога се работело за 3,1 милион евра (196,24 милиони денари). Нето добивката сега е 1,36 милиони евра (84.210 илјади денари), наспроти забележаната на 31 март 2022 – 2,8 милиони евра (175.026 илјади денари).
Податоците од консолидираниот биланс на успех покажуваат дека вкупно остварените приходи се 113 милиони евра (6.961.859 илјади денари), а во споредбениот период – 115,1 милион евра (7.089.281 илјада денари). Во тие рамки оперативните приходи се 112,8 милиони евра (6.949.805 илјади денари), а од продажбата се реализирани 112,5 милиони евра (6.931.059 илјади денари).
Вкупните расходи на крајот од март се 111,5 милиони евра(6.867.256 илјади денари) и се пониски од истиот минатогодишен период – 111,9 милиони евра (6.893.046 илјади денари).
Како што посочуваат од компанијата, намалувањето на добивката по оданочување од 1,47 милиони евра (90,82 милиони денари) или за 51,89 проценти, во најголем дел е резултат на падот на добивката на „Макпетрол“ АД Скопје, како матично друштво на Групата, иако кај сите консолидирани друштва се забележуваат намалувања на добивката, со исклучок на „Макпетрол Пром-Гас“. Ова е последица од нестабилноста на цените на нафтата на светските берзи, како и на намалената вкупна продажба на енергенси од 4,88 отсто. Исто така, образложуваат, дека влијание има и зголемувањето на платите на вработените, со цел да се подобри нивниот животен стандард во услови на економска криза.