„Како Струга нема друга“ е познатата изрека за еден од двата бисера покрај Охридското Езеро. Токму во овој град е една од 14-те најуспешни приказни во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), четиригодишна инвестициска операција финансирана со донација од Европската унија (ИПА 2). Потпроектот „Струга – твојата туристичка дестинација“ доби поддршка со цел зголемување на понудата и атрактивноста на оваа наша туристичка дестинација.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, изрази голема благодарност и почит кон ЕУ (ИПА2) и кон Светска банка за финансиската поддршка на капиталниот проект за реконструкција на велосипедската и пешачката патека на улицата „Партизанска“ во Општина Струга.
Тоа е интерес на развојот на туризмот, спортот, а особено на велосипедизмот како и на спортско-рекреативните активности во крајбрежниот појас. Истовремено се овозможува одржување на голем број спортски манифестации – трка на поезијата, училишни олимпијади, школски натпревари и настани од државно, регионално и светско првенство – вели Мерко.
Вкупниот буџет за потпроектот изнесува 631.846 евра, од кои Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија обезбедија 568.625 евра, а Општина Струга учествуваше со 63.221 евра.
Оваа сума во целост ги задоволи потребите за имплементација на проектот во кој Општина Струга со задоволство партиципираше со 11% кофинансирање. Покрај имплементацијата на проектните активности на овој проект, Општина Струга презеде и дополнителни инвестиции за целосно осветлување на улицата од двете страни, изградба на паркинг-простор низ целата траса со вкупна должина од речиси 5 километри, како и инсталација на подземна инфраструктура (кабли од ЕВН, кабелска, водоснабдување, 10 КВ далекувод и друго) – вели Мерко.
Според него, проектот дава нова слика на Струга и на крајбрежниот појас, кој позитивно влијаел на зголемување на бројот на домашни и странски туристи, не само во летниот, туку во текот на целата година и кој се користи во текот на целиот ден, но и во ноќните часови за спортско-рекреативни активности.
Задоволните туристички субјекти (ресторани, хотели) од крајбрежниот појас имаат зголемен остварен приход, а нивните гости имаат можност да извршуваат спортско-рекреативно активности. Најискрено се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и во иднина со нови проекти во интерес на сите стружани, за да подобрат условите за развој на туризмот и квалитетот на животот на нашите граѓани. Светски проект во светско место со светска инвестиција! – вели градоначалникот Мерко.
Проектот придонесе за подобрување на мобилноста на пешаците и велосипедистите на реконструираната улица „Партизанска“. Улицата е блиску до Охридското Езеро и посебно внимание беше посветено на заштитата на езерото и барањата на УНЕСКО. Реконструкцијата на улицата ја подобри градската инфраструктура во однос на пристапноста и мобилноста од централното подрачје до источната страна на градот.
Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше проект финансиран од ЕУ насочен кон подобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој.
Сите успешни приказни од ПЛРК можат да се видат тука.