ПОВЕЌЕ

    „Макпетрол“ планира зголемена продажба на деривати, но и пониска добивка

    Време зa читање: 3 минути

    Зголемување на прометот со нафтени деривати, оптимизација на ликвидноста, одржување и зголемување на пазарниот удел во услови на засилена и нелојална конкуренција, реконструкција на дел од постојните бензински станици, како и инвестиции во складиштен простор, но и спроведување на „зелената агенда“, односно еколошки вложувања, со цел грижа и заштита на животната средина, се само дел од плановите кои годинава ќе ги остварува скопски „Макпетрол“. Во таа насока и зацртаните идни инвестирања во проширување на мрежата за автоплин и на малопродажната мрежа за метан, инсталирање полначи за батерии на електрични возила на тнекои од бензинските станици, како и на соларни панели за производство на струја во повеќе објекти кои се во сопственост на компанијата…

    Сето тоа се предвидува без оглед на неизвесноста од енергетската криза и сите последици што ги предизвикува, бидејќи состојбите постојано се следа. Притоа, доколку има промени во условите, работењето ќе се усогласува и можно е менување на приоритетите.

    Но, ако се се одвива без поголеми потреси, односно во рамките на очекуваните пазарни услови, тогаш согласно планираното, „Макпетрол“ треба да реализира продажба на нафтени деривати поголема за 3,4 насто во однос на лани. Или, 314 илјади тони. Затоа, пак, предвиден е минус од 13,5 проценти кај продажбата на природен гас, која би се свела на 786 милиони kWh. Годинава во план е и производство на биодизел – 3,8 илјади тони и на глицерин од 790 тони. Овие количества ќе се пласираат и на домашниот и на странскиот пазар.

    Исто како и лани, во продажната структура со 56,3 проценти преовладуваат дизел горивата. Според застапеноста следуваат бензините со 14,4, природниот гас со 13,8 и млазното гориво со 7,9, а останатите нафтени деривати имаат поединечно учество помало од пет отсто.

    Кон ова се надоврзуваат и очекувањата за зголемување од 2,39 проценти во доменот на малопродажбата. Се предвидува дека тука ќе нема промени, односно како и во текот на минатата година најпродавани ќе бидат дизел горивата со 73 отсто. Сепак, ќе се оди со промоција на еколошките горива, а тоа треба да ја зголеми побарувачката на автоплинот за 5,86 и на ТНГ (бутан-пропан) за 2,45 насто.

    Меѓутоа, поради намалениот интерес за природен гас, кај големопродажбата се планира намалување од 2,53 отсто. Но, тоа делумно се надоместува со зголемениот извоз на млазно гориво – за 9,5 проценти. Тоа, пак, годинава треба да резултира со раст на продажбата на странскиот пазар за 393 милиони денари, односно за 19,2 насто. И извозот на биодизел, како што се очекува, ќе оствари зголемување.

    Сите овие активности, согласно работната агенда на компанијата, на крајот од годинава ќе прикажат позитивни финансиски резултати. „Макпетрол“ смета на добивка пред оданочување во износ од 876 милиони денари, или 14,2 милиони евра. Што значи дека се предвидува пониска добивка од ланската за 38 проценти, односно за 8,6 милиони евра (532 милиони денари).

    Ова очекување се базира на намалените деловни приходи кои бележат пад поради намалената маржа од 7,6 проценти, но и на зголемените деловни трошоци. Раст е планиран кај расходите, а на тоа најмногу ќе влијае зголемувањето на платите за вработените, кои би требало да се коригираат за 18 проценти. За таа намена се предвидени 227 милиони денари, или 3,6 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично