ПОВЕЌЕ

    Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?

    Време зa читање: 3 минути

    Ова прашање им го поставувам речиси на секој потенцијален кандидат кој сака да дојде кај нас да работи. Интересни се одговорите кои ги добиваме, но најинтересни ми се оние личности кои не даваат одговор или велат – не знам!

    Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш е прашање кое пред некој ден, во врзан муабет, и на ќерка ми (14 години) ѝ го поставив и одговорот беше интересен. Имаше мешавина на желби кои беа од 14 години, па се до 60-тина години. 🙂

    Кога ќе се навратам наназад, она што е интересно во (речиси) сите одговори што ги имав слушнато е што секој од нас, кога ќе му го поставиме прашањето, веднаш размислува на тоа, што сака да биде кога ќе порасне, ама во повозрасна перспектива од моменталната?!

    • Првото прашање е: што кога ќе пораснеш? Кое е годиштето кое сакате да го таргетирате и што сакате да постигнете? Некако секогаш целиме за 20 години од сега, а не знаеме што ќе се случи утре. Дајте малку смалете во годините… па, ако треба, и одете етапно.
    • Таргет/цел – супер е тоа кога целиме на големо и треба да се цели кон големото, но потребно е да се биде реален во целта. Ова ви го кажувам, затоа што од многу луѓе имам слушнато нереални цели и после тоа се незадоволни во животот!? Е,па како и ќе бидат, ако си поставиле нереална цел?!
    • Мilestoneѕ (мали таргети) – тоа се кратки таргети, односно цели кои сакате да ги постигнете, а се поврзани со должината на времето во остварување на крајната цел. Мора да ги имате и мој предлог е да имате мали таргети кои придонесуваат во остварување на главниот таргет. Од друга страна, пак, бидете подготвени дека како растете и созревате, така и таргетот/целта може да се изменува, па и целосно.
    • Почеток – ако сакате да ја остварите целта за 5 години, па еве нека биде и за 1 месец, тогаш секако дека не планирате да започнете во остварување на целта последната година/ден, туку мора да почнете уште денес. Ама немојте од денес да почнете да се качувате на Водно до врв за 45 минути, а не сте пешачеле најмалку 1 година…нереално, нели?
    • Одржување во живот – остварување на целите не е лесна работа. Многупати ќе се најдете заглавени во некоја ситуација која ќе ве тера и на откажување. Мора да најдете некој катализатор кој ќе ви помогне да продолжите понатаму. Може тоа да биде одмор, фокус на други, помали работи… друга перспектива е после тоа.

    Секако, останува прашањето: што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш? Како прашање кое има прекрасно значење, но и дава многу информации за таа/тој што го одговара.

     

    Калин Бабушки

    Член на тимот
    МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг

    „Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат на www.pari.com.mk во соработка со www.tipoftheweek.co обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој:

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично