ПОВЕЌЕ

    УНИБанка со добивка од над 4 милиони евра во 2019 година

    Време зa читање: 3 минути

    Образложение за остварените финансиски резултати  на Универзална Инвестициона Банка АД Скопје за период Јануари –   Декември 2019

     

    УНИБанка заклучно 2019 година делуваше во согласност со приоритетните цели и задачи дефинирани во усвоениот бизнис план за 2019 година. Клучна цел беше остварување на максимален профит преку оптимално ангажирање на изворите на средства во сигурни и профитабилни пласмани, во услови на стабилизирање на политичкиот амбиент и стабилизирање на очекувањата на економските субјекти.

    Остварените вкупни приходи од работење во 2019 година изнесуваат 1.541,2 милиони денари  и во однос на минатата година бележат пораст од  17.3%.

    Најголем придонес во остварувањето на  позитивен финансиски резултат во износ од 253,4 милиони денари имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи.

    Имено, во структурата на вкупните приходи (приходи од камати, приходи од провизии и надомести, нето-приходи/расходи од курсни разлики, останати приходи од дејноста и загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа), најголемо учество од 69.4% имаат приходи од камати, кои во споредба со 2018 година се зголемени за 11.7%, како резултат на порастот на кредитното портфолио кое во однос на 31.12.2018 се зголеми за 16.7% и достигна ниво од 16,4 милијарди денари. Анализата на секторската структура на приходите од камати покажува поголема ориентација на банката кон кредитирање на секторот население и соодветно е остварен годишен пораст од 14 проценти на приходите од камати на население.

    Порастот на кредитирањето, зголемениот обем на активности во доменот на платен промет и картично работење, придонесоа приходите од провизии на банката да се зголемат за 20.7% во однос на истиот период од минатата година.

    Остварените расходи во 2019 година изнесуваат 1.287,8 милиони денари и бележат пораст од 23.2% во однос на 2018 година.

    Значителен придонес во зголемувањето на расходите на банката имаат расходите од камати како резултат на прибирањето на дополнителни средства од финансискиот сектор и секторот население. Зголемените расходи на банката произлегуваат и од порастот на административните расходи, предизвикани од исплата на награда на вработените и исплата на еднократна договорна испратнина, како и заради зголемување на износот на издвоени средства за зајакнување на резервациите по кредити.

    Исполнување на планот и очекувања за престојниот период

    Податоците за остварување на билансните цели на банката се во согласност со  очекуваните заклучно со последниот квартал од 2019 година. Растот на кредитното портфолио на банката е речиси на ниво на  планираниот, со акцент на порастот на кредитирањето на секторот население, кое бележи пораст од 18.2% во однос на Декември 2018.

    Анализата на структурата на пасивата на билансот на состојба за 2019 година и нејзината споредба со планираната укажуваат на надминување на таргетираните извори на финансирање од секторот население, кои бележат зголемување од 15.8% во однос на 31.12.2018. Во структурата на пасивата на билансот на состојба на УНИБанка во 2019 година е реализирано издавање на хибриден капитален инструмент, познат како перпетуална обврзница, кој значително ја зголеми капиталната позиција на банката.

    Во претстојниот период банката очекува да продолжи тенденцијата на зголемување на  активата, континуиран раст на кредитното портфолио на банката, кој би бил подржан со зголемен раст на депозитната база преку имплементација на нови депозитни продукти, во насока на зголемување на учеството на нефинансиските извори на финансирање, пред се учеството на трансакциските сметки,  оптимизирање на административните трошоци, зголемување на пазарното учество и исполнување на сите зацртани цели во Бизнис планот на Банката за 2020 година.

    Објавено на Македонска Берза

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично