
Зголемувањето на капиталните инвестиции, стабилната наплата на даноците и внимателното управување со јавните финансии се клучните аргументи со кои министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го брани ребалансот на Буџетот за 2026 година. Таа во подкастот „Каде се парите“ порача дека измените не се сведуваат само на корекција на бројки, туку треба да обезбедат поголема реализација на развојните проекти и подобри услови за граѓаните.
Според министерката, ребалансот е подготвен за да обезбеди дополнителни средства за капитални инвестиции, исполнување на обврските преземени со колективните договори и реализација на политики што имаат директно влијание врз животниот стандард.
„Министерот за финансии има најтешка улога, затоа што ако сакаме да ги гледаме работите само од аспект на тоа каков треба да биде буџетскиот дефицит, ќе кажеме – да, министерот се држи цврсто до бројката, но на другата страна имаме живот и реалност“, изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека капиталните расходи не треба да се третираат како обичен трошок, туку како инвестиција што создава долгорочни економски ефекти.
„Капиталните инвестиции директно влијаат на бруто-домашниот производ, а по нивната реализација директно и индиректно влијаат врз економијата и подобрувањето на квалитетот на живот“, рече министерката.
Дополнителните средства за капитални проекти, како што објасни, се резултат на подобрената реализација во дел од институциите и поголемата ангажираност на министрите во спроведувањето на планираните активности.
„Констатиравме дека во последните неколку месеци одредени министри се фокусирани и посветени на работата и како резултат на тоа кажавме – во ред, нека имаме поголема реализација“, посочи Димитриеска-Кочоска.
Осврнувајќи се на приходната страна на Буџетот, министерката истакна дека наплатата на даноците се одвива согласно проекциите и дека засега нема сигнали за отстапувања.
„Растот на приходите од ДДВ и останатите даноци е над нивото потребно за исполнување на годишните проекции. Податоците покажуваат дека приходите се движат во согласност со планот и нема основа за тврдења дека Буџетот се соочува со проблеми во наплатата. Јас не можам да кажам дека има некакви отстапувања. Математиките до сега покажуваат дека даноците ќе се собираат“, изјави таа.
Во разговорот беше отворено и прашањето за буџетскиот дефицит. Според Димитриеска-Кочоска, неговата големина треба да се оценува преку процентот од бруто-домашниот производ, а не преку апсолутните износи, бидејќи само така може да се направи реална споредба меѓу различни периоди.
Таа потсети дека во 2020 година дефицитот достигнал осум проценти од БДП и оцени дека процесот на фискална консолидација и натаму е предизвик поради преземените обврски од минатото.
Во однос на јавниот долг, министерката истакна дека државата води внимателна политика на задолжување и како доказ ја посочи последната еврообврзница, која, според неа, била издадена со историски најниска маргина.
„И заради тоа, кога ја издававме еврообврзницата, имавме најниска маргина досега, историски гледано“, рече Димитриеска-Кочоска.
Таа порача дека фискалната политика ќе остане насочена кон зачувување на макроекономската стабилност, но и кон обезбедување финансиска поддршка за проекти што ќе придонесат за долгорочен економски развој.
Аналитика








