
Одлуката на Министерството за финансии со која финансиските друштва ќе треба да се повлечат од агресивни подбрендови и комуникации што асоцираат на брзи и лесни пари претставува значаен чекор кон позрел и поодговорен финансиски пазар.
Во изминатиот период, дел од индустријата настапуваше со пораки и брендови кои преку терминологија како „продавница за пари”, „земи пари веднаш” и слични концепти создаваа перцепција дека кредитот е импулсивен производ, а не финансиска обврска која бара внимателна проценка.
Новите насоки испраќаат јасна порака: финансиските услуги не смеат да се продаваат преку агресивен маркетинг, притисок или емоционална манипулација, особено во услови кога граѓаните се соочуваат со економски предизвици.
Но, ова не треба да се толкува како негативен сигнал кон целиот сектор.
Финансиските друштва имаат значајна улога во економијата и финансискиот екосистем на државата. Тие обезбедуваат брз пристап до ликвидност, поддршка за потрошувачка, микро финансирање и финансиска инклузија за категории граѓани и бизниси кои често немаат лесен пристап до традиционални банкарски производи.
Воедно, важно е да се направи разлика меѓу „брз” и „скап” кредит. Брзото одобрување денес не значи автоматски и неповолен финансиски производ. Напротив, современите финансиски друштва сè повеќе користат AI модели, автоматизирани проверки и дигитални системи за проценка на ризик, со што процесот на аплицирање и одобрување се скратува од денови на минути.
На пазарот веќе постојат и брзи кредити со конкурентни и транспарентни услови, што покажува дека брзината е резултат на технологија и дигитализација, а не нужно на висока цена.
Дополнително, секторот придонесува со инвестиции, вработувања, дигитализација и развој на нови финансиски услуги, а во многу случаи претставува и двигател на конкуренцијата и иновациите на пазарот.
Токму затоа, вистинскиот предизвик не е дали финансиските друштва треба да постојат, туку како треба да комуницираат.
Пазарот сега влегува во фаза каде кредибилитетот, транспарентноста и финансиската едукација ќе имаат поголема тежина од агресивните слогани и „брзите решенија”.
А тоа, на долг рок, е добро и за индустријата и за граѓаните.
Аналитика








