
Под мотото „Сите на Водно!“, викендов се одржа 14-тото издание на спортската манифестација „Sparkasse LIFE Прв до врв“, која и оваа година го претвори Водно во најголемата спортско-рекреативна сцена во земјата. Со повеќе од 4.500 учесници од Македонија и од странство, настанот уште еднаш ја потврди својата позиција како најмасовно организирано планинско искачување во регионот и еден од најзначајните спортски настани на отворено кај нас.
Во петте натпреварувачки категории – планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, e-bike трка и тим-билдинг трка за компании – учесниците покажаа спортски дух, издржливост и силна мотивација, но пред сè испратија моќна порака за заедништво, здрав живот и позитивна енергија.
„‘Sparkasser Life Прв до врв’ одамна не е само спортски настан – тој е симбол на заедништво, позитивна енергија и грижа за здрав живот. Горди сме што секоја година обединува илјадници луѓе околу вистинските вредности што создаваат подобра и поодржлива иднина, а истовремено токму тоа е и суштината на платформата Sparkasse Life. Веруваме дека улогата на бизнис секторот е да биде активен двигател на позитивни промени – да создава вредности, да поттикнува заедништво и да инвестира во иницијативи кои носат позитивни промени и поддржуваат здрави генерации. Затоа и сме дел од приказна како ‘Прв до врв’ “, изјави Ивана Петревска, директорка на Дирекцијата за маркетинг и комуникации во Шпаркасе Банка.

Ова се победниците во овогодинешното издание:
Во трката планинско трчање, во машка конкуренција, прв до врв беше Ивајло Атанасов од Бугарија, додека во женска конкуренција најбрза беше Благица Јованова.
Во категоријата планински велосипедизам, кај мажите победи Петар Колеќевски, а кај жените прва до целта пристигна Маја Илиевска.
Во друмски велосипедизам, најбрз во машка конкуренција беше Константин Костоски, додека кај жените триумфираше Елена Петрова.
Во e-bike категоријата најбрзи беа Дарко Блажески и Елена Зарковска.
Во тим-билдинг трката, првото место го освои тимот на ВДЛ Ван Хоол Македонија, второто место го освои Axapta Masters, а третопласирани беа ИПА Скопје.
Покрај спортскиот дел, „Sparkasse Life Прв до врв“ понуди целодневна програма исполнета со музика, забава, наградни активности и релакс-зони за посетителите. Relax зоната на Шпаркасе Банка беше едно од најпосетените места на настанот, каде што учесниците уживаа во освежување, ладно цедени сокови, сладолед и атмосфера создадена за дружење и полнење енергија по трката.
Дополнително, Шпаркасе Банка додели и вредносни ваучери за спортска опрема во износи од 100, 200 и 300 евра, дополнително мотивирајќи ги присутните да продолжат да инвестираат во активен и здрав животен стил.
Посебна вредност на настанот дадоа и вработените од Шпаркасе Банка, кои и оваа година активно учествуваа во трките и со личен пример ја поддржаа мисијата за создавање здрава, активна и поврзана заедница.
Следното издание на „Sparkasse LIFE Прв до врв“ е најавено за 16 мај 2027 година.
До тогаш – да продолжиме да се движиме, да се инспирираме и заедно да го освојуваме секој нов врв.
Аналитика








