ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | НАРОДНА БАНКА, СТОЈАНОВА: Затегнувањето на монетарната политика ќе ги закотви и инфлациските очекувања

    Време зa читање: 6 минути

    „Зголемување на каматните стапки од страна на голем дел од централните банки ширум светот ќе делува на ублажување на ценовниот раст и спречување на растот на инфлациските очекувања“, во интервју за порталот „Пари“, вели директорката на Дирекцијата за монетарна политика и истражување при Народната банка, Билјана Давидовска-Стојанова.

    Стојанова истакнува дека НБ преку мерките делува и во насока на зголемување на денаризацијата и поттикнување на штедењето во домашна валута.

    Од април наваму, каматната стапка на благајничките записи е зголемена за 1,25 п.п., до тековното ниво од 2,5%. Народната банка вчера објави дека просечната инфлација јануари-јули била 10,9 %. Банката, сепак одлучи дека нема потреба од четврто зголемување на основната каматна стапка.

    Стојанова нагласува дека последно расположливите податоци за каматни стапки на кредитите покажуваат дека засега нема поизразени промени на каматните стапки на кредитите, ниту за граѓаните, ниту за компаниите.

    Пари: Кои се причините поради коишто во речиси сите земји во светот инфлацијата забрзува?

    Стојанова: Кога се појави пандемијата на Ковид-19, во почетокот таа силно делуваше на страната на понудата, ги забави глобалните синџири на снабдување и ги зголеми трошоците, што делуваше и на финалните цени. Со постепеното отворање на економиите, намалувањето на рестриктивните мерки наменети за заштита на јавното здравје и со пост-пандемиското економско закрепнување, се појави извесна неусогласеност на понудата и побарувачката поврзана со пандемијата. Нормализирањето на понудата беше дополнително отежнато и од се уште присутните застои во синџирите на производство и транспортот. На ова се надоврза и енергетската криза, под влијание на засилената зелена агенда во европските земји и нагласената тенденција за напуштање на фосилните горива. На овие веќе присутни глобални проблеми се надоврза неочекуваниот воен конфликт меѓу Русија и Украина, како и воведените санкции кон Русија од повеќето западни земји. Со оглед на тоа што станува збор за две економии кои имаат значаен удел во глобалната понуда на храна и енергија, ова предизвика нов силен неекономски шок на страната на понудата, а со тоа растечки и променливи цени на енергентите и на храната на светските пазари. Силниот раст на цените на примарните производи на светските берзи и застоите во синџирите на снабдување се пренесуваат и врз цените на останатите производи. Сето ова доведе до изразени и подолготрајни нагорни притисоци врз инфлацијата во глобални рамки, зголемувајќи го и ризикот од подгревање на инфлациските очекувања на економските субјекти, како еден од факторите коишто дополнително влијаат врз инфлацијата.

    Пари: Какви се очекувања за инфлацијата за следниот период, дали се очекува смирување на ценовните притисоци?

    Стојанова: Динамиката на инфлацијата во голема мерка ќе биде условена од патеката на движење на цените на примарните производи. Меѓународните институции за следниот период очекуваат стабилизирање, а потоа и намалување на цените на примарните производи, што ќе делува смирувачки и на глобалните и на домашните притисоци. Ова се потврдува и со тековниот пресврт во очекувања, кои за прв пат по подолг период упатуваат на понизок раст на цените на дел од примарните производи, а пред се на храната. Затегнувањето на глобалните финансиски услови, при зголемување на каматните стапки од страна на голем дел од централните банки ширум светот исто така ќе делува на ублажување на ценовниот раст и спречување на растот на инфлациските очекувања.Така што, иако инфлацијата оваа година ќе биде повисока во глобални рамки, во следниот период се очекува нејзино постепено нормализирање и сведување во умерени рамки на среден рок. Ова секако и натаму е пропратено со одредена неизвесност, имајќи предвид дека светските цени на примарните производи значително осцилираат под влијание на војната во Украина и санкциите кон Русија и нивното движење во последниот период е променливо и потешко предвидливо.

    Пари: Централните банки во светот, како и Народната банка, започнаа со затегање на монетарната политика. Како делува затегнувањето на монетарната политика врз инфлацијата?

    Стојанова: Тековната инфлација, како кај нас, така и во глобални рамки, доминантно ја движат фактори кои се на страната на понудата, а тоа е силниот притисок од цените на храната и енергијата кој доаѓа од намалената понуда поради војната во Украина и економските санкции кон Русија. Сепак, со оглед на тоа што овие притисоци траат подолго, растот на цените станува пошироко распространет и се пренесува врз цените на останатите производи и услуги, и дополнително ги подгрева инфлациските очекувања кои исто така може да придонесат за раст на цените. Поради тоа, најголем дел од централните банки, вклучително и Народната банка, започнаа со постепено затегнување на монетарната политика, преку постепено повлекување на вбризганата ликвидност и со постепено зголемување на основните каматни стапки. Со затегнувањето на монетарната политика се делува сигнално, преку каналот на очекувањата, закотвувајќи ги инфлациските очекувања на ниско ниво. Кај нас промените во ликвидноста и каматните стапки, беа пропратени и со други дополнителни мерки. Ова се однесува пред се на задолжителната резерва, при што промените се во насока на понатамошно стимулирање на преференците за располагање со домашна валута. Оттука со овие мерки се делува и во насока на зголемување на денаризацијата и поттикнување на штедењето во домашна валута.

    Пари: Дали очекувате и поголемо зголемување на каматите на кредитите и како тоа ќе влијае на корисниците на кредити?

    Стојанова: Од април наваму, каматната стапка на благајничките записи е зголемена за 1,25 п.п., до тековното ниво од 2,5%. Сепак, и со овие промени основната каматна стапка на Народната банка се уште e во рамки на историски ниско ниво, а со оглед на постепеното и умерено нагорно придвижување, не се очекуваат силни и нагли промени во каматната политика на банките. Секако, за очекување е и соодветно постепено придвижување и во цената на кредитите на банките. Промени се можни пред се кај кредитите со променлива каматна стапка, додека за кредитите со фиксна каматна стапка, може да се очекува промена само кај новоодобрените кредити. Последно расположливите податоци за каматни стапки на кредитите покажуваат дека засега нема поизразени промени на каматните стапки на кредитите, ниту за граѓаните, ниту за компаниите.

    ЧИТАЈТЕ УШТЕ: НАРОДНАТА БАНКА ВО БИТКА СО СКАПИОТ СТАНБЕН КВАДРАТ

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање на хиперлинк до содржината што се цитира.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично