ПОВЕЌЕ

    ЕВРОПСКИТЕ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА РАСТАТ: Што покажуваат бројките за Македонија?

    Време зa читање: 4 минути

    Во време кога цената на електричната енергија повторно се искачува високо на агендата на европската јавност, споредбата меѓу земјите отвора клучно прашање: каде се наоѓа Македонија во однос на остатокот од Европа кога станува збор за сметките за струја кај домаќинствата?
    Одговорот бара поширок контекст, бидејќи зад секоја бројка стојат различни пазарни модели, даночни структури и регулаторни решенија.

    Податоците на Евростат покажуваат дека просечната цена на електричната енергија за домаќинствата во Европската Унија во втората половина од 2025 година изнесува 28,96 евра за 100 киловат-часа, што претставува мало зголемување во однос на првото полугодие. Иако растот не е драматичен, цените и натаму се значително повисоки отколку пред енергетската криза од 2022 година.

    Анализата на европските податоци укажува дека зголемувањето не доаѓа од поскапувањата на електричната енергија, туку е резултат на поголемо учество на даноци и различни давачки во конечната цена. На тој начин, фискалните политики сè повеќе влијаат врз сметките што ги добиваат граѓаните, а разликите меѓу земјите дополнително се продлабочуваат.

    Распонот на цени во Европската Унија во втората половина од 2025 година е изразен. Меѓу земјите со највисоки цени на струјата се Ирска, Германија и Белгија, со над 35 евра за 100 киловат-часа. На спротивниот крај се Унгарија, Малта и Бугарија, каде што струјата за домаќинствата чини меѓу 10 и 14 евра.

    Овие разлики ја потврдуваат тезата дека цената на струјата во Европа не е единствено пазарна категорија, туку резултат на низа државни одлуки поврзани со регулирањето, фискалните оптоварувања и начинот на заштита на потрошувачите.

    Македонија е под европскиот просек. Според домашните статистички податоци, во второто полугодие од 2025 година просечната цена на електричната енергија за домаќинствата во Македонија изнесуваше 7,330 денари по киловат-час, што претставува раст од 0,8 насто во однос на првото полугодие од истата година. Изразено во европска валута, тоа е приближно 11,9 евра за 100 киловат-часа, што ја позиционира Македонија значително под просекот на Европската Унија, кој е речиси 29 евра.

    И покрај забележаниот благ раст во втората половина од годината, цената за домаќинствата останува на ниво слично на земјите со најниски цени во ЕУ и пониска во споредба со некои регионални пазари, како хрватскиот, каде што 100 киловат-часа чинат околу 15 евра.

    Ваквата позиција на Македонија не може да се објасни со еден фактор. Таа е резултат на комбинација од регулиран пазар за домаќинствата, структурата на даноците и давачките, моделот на снабдување и тарифниот систем. Истовремено, споредливоста со земјите од ЕУ е условна, бидејќи во европскиот просек доминира отворен пазар, каде што фискалните елементи имаат сè поголема тежина.

    Македонија сега се подготвува за постепено приближување кон европскиот модел на тргување со електрична енергија преку воспоставување организирани пазари, како „ден однапред“ и „во тековниот ден“, но останува отворено прашањето дали ваквото усогласување со европската практика ќе значи и постепено приближување кон европските цени на струјата за домаќинствата.

    Новиот модел, во кој цените се формираат врз основа на понуда и побарувачка, а не административно, носи поголема транспарентност, ликвидност и јасни пазарни сигнали, што претставува предуслов за интеграција со европските енергетски пазари.

    Сепак, искуствата од Европската Унија покажуваат дека пазарната интеграција не носи автоматски ниту пониски, ниту повисоки цени. Таа, пред сè, носи поголема изложеност на пазарни флуктуации, како и влијание на даночните и регулаторните политики и ефекти од механизми како СВАМ, кои дополнително ја усложнуваат ценовната слика. Оттука, иако стратегиската насока е јасно дефинирана, не е извесно дали и во кој рок ова приближување кон европскиот енергетски модел ќе се рефлектира врз конечните сметки што ги плаќаат македонските домаќинства.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично