
Ноќта помеѓу 8 и 9 мај 1945 година во берлинското предградие Карлсхорст беше потпишан Актот за безусловна капитулација на Германија, со што официјално беше означен крајот на Втората светска војна во Европа и поразот на нацистичкиот Рајх.
Церемонијата започнала во 00:43 часот по московско време, односно 22:43 часот по средноевропско време. Капитулацијата била прифатена од маршалот на Советскиот Сојуз Георгиј Жуков и заменик-командантот на сојузничките сили маршал Артур Тедер. Од германска страна документот го потпишале фелдмаршалот Вилхелм Кајтел, генерал-полковник Ханс-Јирген Штумпф и адмиралот Ханс Георг фон Фридебург.
Истата ноќ, во 2:30 часот наутро, легендарниот советски радиоводител Јуриј Левитан преку радио од Москва ја прочитал веста за капитулацијата на германските вооружени сили и указот со кој 9 Мај се прогласува за Ден на Победата.
„Големата татковинска војна, водена од советскиот народ против нацистичките напаѓачи, заврши победоносно. Германија беше целосно поразена“, гласела пораката прочитана пред милиони луѓе.
На историскиот чин во Берлин му претходеле обиди дел од нацистичкото раководство да преговара одделно со западните сојузници. На 7 мај 1945 година во францускиот град Ремс бил потпишан прелиминарен акт за предавање на Германија. Советското раководство сметало дека конечната капитулација мора да биде потпишана во Берлин – градот од каде што започнала нацистичката агресија.
По барање на Советскиот Сојуз била организирана нова церемонија во Карлсхорст, каде што на 9 мај 1945 година била потврдена безусловната капитулација на нацистичка Германија. Со тоа, нацистичката власт била распуштена, а германските трупи целосно го положиле оружјето.
Во мемоарите „Дневник на писател: Различни денови од војната“, советскиот писател Константин Симонов ја опишува атмосферата по потпишувањето:
„Жуков стана и рече: Германската делегација може да ја напушти салата. Германците станаа. Кајтел се сврте и си замина. И одеднаш целата напнатост што се насобра во салата исчезна. Капитулацијата беше потпишана. Војната заврши.“
Денот на победата над фашизмот и денес останува симбол на победата над нацизмот, но и потсетник на огромната човечка цена што ја плати светот во Втората светска војна.
Аналитика








