ПОВЕЌЕ

    Десет друштва учествуваат со 94,61 насто во вкупната добивка од 96,4 милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    Добивка од 91,2 милиони евра оствариле во првото тримесечје најпрофитабилните десет друштва што котираат на Македонска берза. Три банки, како и компании од областа на телекомуникациите, фармацијата, индустријата и трговијата зафаќаат 94,61 насто од вкупниот профит на 62 друштва, во износ од 96,4 милиони евра.

    Споредено со првиот минатогодишен квартал, остварувањето на профитабилните акционерски друштва е повисоко за 22,3 насто. Едноставно, тогаш во позитива биле 58 компании. Истовремено, бројот на компаниите што се во загуба е намален од 26 на 21, што се рефлектира и кај намалената загуба од 7,3 милиони евра (8,2 милиони евра во истиот период лани).

    Во анализата на берзанскиот преглед на финансиски податоци за котираните друштва, Пари ги опфати и најизразените процентуални движења. Најголемиот годишен раст го надминува прагот од три илјади насто.

    БАНКИТЕ ДРЖАТ ПОЛОВИНА ОД ПРОФИТОТ

    Банкарско трио повторно доминира меѓу најпрофитабилните друштва. Најголемата добивка од 23,7 милиони евра е на Комерцијална банка. НЛБ банка заработила 11,9 милиони, а Стопанска банка Скопје 11 милиони евра. Заедничкиот износ од 46,6 милиони евра претставува 51,1 насто од добивката на 10-те и 48,34 насто од добивката на 62-те друштва.

    Од аспект на крајниот резултат, 8 друштва во текот на едногодишниот период ја зголемиле ефикасноста. Две од нив ги држат рекордните скокови постигнати во доменот на трговијата.

    Скопски пазар бележи годишна промена од 3.621,9 насто. Со добивката од 1,9 милиони евра се заокружува листата на десетте најпрофитабилни друштва.

    Трговијата со нафтени деривати ѝ обезбеди на Окта раст од 911,71 насто. Со заработените 15,7 милиони евра компанијата ја има втората највисока добивка. Од овој сектор во топ 10 е и Макпетрол со 3,1 милион евра и раст од 12,86 насто.

    Единствената компанија од услужните дејности – Македонски телеком, има добивка од 8,9 милиони евра (+ 0,56 %), а домашниот фармацевтски гигант Алкалоид има добивка од 8,4 милиони евра (+ 4,86 %). Поголем процентуален исчекор од 68,16 насто е направен во Титан Усје, чијшто профит достигна 4,3 милиони евра.

    Кај две друштва добивката е намалена: Макстил (– 46,26 %) и Стопанска банка Скопје (– 18,48 %).

    РАСТ НА ЗАРАБОТКАТА ОД 3.600 НАСТО

    Меѓу 62-те друштва што кварталот го завршиле со добивка, 32 забележале зголемување. Кај пет од нив се работи за раст од повеќе стотици, па и илјадници проценти, како во примерот на Скопски пазар.

    За безмалку 600 насто е повисока тримесечната добивка на Македонија осигурување – Виена Иншуренс Груп – од 129 илјади на над 901 илјада евра. Добивката на Гранит од 58,6 илјади се зголемила на 274,7 илјади, односно за 368,9 насто. Над 200 насто е зголемувањето што ја следи добивката на Фустеларко Борец, од 23,5 илјади на крајот од март 2024 година на 70,5 илјади евра на крајот од првиот годинешен квартал.

    Според берзанскиот преглед, едно друштво не доставило податоци за тримесечниот биланс на успех. Освен тоа, шест друштва се долгорочно суспендирани.

    М.А.

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично