ПОВЕЌЕ

    Кој вработува, а кој плаќа најмногу во Куманово?

    Време зa читање: 4 минути

    Куманово има активна и разнолика економија, но податоците за пазарот на труд откриваат дека водечките компании по остварен промет не доминираат во сите категории. Компаниите што исплаќаат највисоки плати не се исти со оние што имаат најголем број вработени, ниту пак се поклопуваат со лидерите по приход и добивка.

    Анализата на порталот Пари, во соработка, ги опфаќа десетте најголеми работодавачи и компаниите со највисоки просечни плати во Куманово.

    Во десетте компании со најголем број вработени во Куманово минатата година работеле 1.853 лица, само 23 лица повеќе од претходната година. Тоа е раст од 1,26 насто. Наспроти тоа, кај компаниите со највисоки просечни плати, вкупниот износ на прикажаните просечни плати се зголемил за 64,83 насто, од 10.294 на 16.968 евра.

    ВО 10-ТЕ КОМПАНИИ ИМА РАБОТА ЗА 1.853 лица

    Кај најголемите кумановски работодавачи работната сила бележи умерени поместувања, со раст кај дел од компаниите и намалување кај други. Минатата година кадарот кај десетте најголеми работодавачи броел 1.853 лица. Само пет компании го зголемиле бројот на вработени.

    Најголем работодавач е Рапид Билд, градежна фирма каде што работеле 343 лица, или 45 повеќе од претходната година (+ 15,10 %). Веднаш зад неа е најраспространетиот синџир маркети во Куманово – Елида, со 322 вработени и раст од 6,62 насто.

    Меѓу компаниите со над 300 вработени е и Босут, но таму е забележано намалување на кадарот од 4,76 насто, односно 15 работници помалку.

    Најголем процентуален пад има кај Коримпекс Шус, каде што бројот на вработени е намален за 21,6 насто, додека значителен одлив има и кај Галатекс (– 14,17 %).

    Од друга страна, Бучен Козјак бележи добар раст на вработеноста од 14,55 насто, што ја вбројува меѓу компаниите со најизразено кадровско проширување.

     Извор: Бизнис мрежа

    НАЈВИСОКИТЕ ПЛАТИ СЕ ДВИЖАТ ОД 1.380 ДО 2.585 ЕВРА

    На платниот врв веќе не доминира класичната индустрија. Половина од кумановските компании што се издвојуваат по висината на просечната плата бележат силен процентуален раст, од двоцифрени стапки до повеќекратни зголемувања. И овде, како и вообичаено, највисоките плати најчесто се исплаќаат во компании со мал број вработени.

    Највисока просечна плата од 2.585 евра е исплатена во Мида Комерц 2002, каде што годишната промена изнесува 681,52 насто. Претходно просекот бил 330 евра, што ја прави оваа компанија рекордер и по висината на платата и по растот. И лани и преклани имало вработено само еден човек.

    Веднаш зад неа е Талентс Лаб ИТ со просечна плата од 2.157 евра и тројца вработени, што уште еднаш ја потврдува силната позиција на информатичкиот сектор меѓу најплатените дејности.

    Во групата со над 1.500 евра се и Атроника со 1.661 евро, Интелигрејт со 1.595 евра (овие две компании бројат по еден вработен), Линк Мобилити Девелопмент Центар со 1.591 евро, како и ЈБ Енергија Груп со 1.520 евра и повторно само еден вработен.

    Линк Мобилити Девелопмент Центар брои најмногу вработени – 31.

    Најголем процентуален раст по Мида Комерц, има кај Мое Студио Авангарда, каде што просечната плата од 424 евра се искачила на 1.556 евра, што е зголемување од 267,1 насто.

    Силен скок има и кај Мелоу Софт, каде што платата е удвоена од 689 на 1.380 евра (+ 100,17 %) и иако е најниската плата во оваа конкуренција, е значително над просекот.

    Извор: Бизнис мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    ПАД НА ПРОМЕТОТ, СКОК НА ПРОФИТОТ: Што се случува во Тетово?

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично