Коцкарници оддалечени на минимум 500 метри од училишта, забрана за рекламирање и засилена борба против нелегално онлајн коцкање предвидува новиот законски предлог на Владата за игри на среќа и забавни игри. Потенцијалните забрани и ограничувања предизвикаа реакции кај засегнатите во индустријата. Од здружението Сакам да работам, кое ги претставува вработените во секторот, предупредуваат дека предложените решенија можат да доведат до затворање на легалните објекти и губење на илјадници работни места.
По првпат се воведуваат строги правила за рекламирање на игри на среќа, порачаа од Владата, нагласувајќи дека се пристапува кон поголема заштита на децата и на младите. Коцкањето не смее да се смета за нормална појава, па затоа на познатите личности ќе им се забрани да ги рекламираат игрите на среќа.
Всушност, се преземаат мерки против активности кои воопшто би можеле да ги наведат граѓаните на коцкање. Оттаму, треба да се изостават досегашните практики според кои добивките се претставуваат како финансиски успех.
Досегашното дејствување на надлежните изнституции е насочено ком нелегалното онлајн коцкање, при што се затворени 358 платформи за кои е утврдено дека немаат лиценца. Засилените контроли ќе продолжат, велат од Владата.
Но, од здружението Сакам да работам реагираат дека секторот повторно станува „дежурна тема“, особено што и од Левица е најавен предлог-закон за целосна забрана на оваа дејност.
„Очекуваме политичка партија Левица, која прокламира левичарска идеологија и заштита на работничките права, да објасни како е можно да се залага 10 илјади вработени да останат на улица, без егзистенција“, наведуваат од здружението.
Тие сметаат дека одредбата за дистанца од 500 метри е „целосно нефункционална“ и предупредуваат дека тоа може да доведе до затворање на легалните објекти, а дел од дејноста да се префрли во нелегални канали.
„Повеќе од 10 илјади македонски семејства ќе станат кандидати за иселеници во западните земји каде повторно ќе работат во истиот сектор“, наведуваат од Сакам да работам.
Од здружението посочуваат дека се согласуваат младите да бидат заштитени од негативни влијанија, но сметаат дека решението не треба да се носи без вклучување на индустријата и претставниците на вработените.
„Нашата експертиза и практично искуство е од непроценлива важност. Единствено со таков сеопфатен процес може заеднички да дојдеме до законско решение кое ќе даде одговори на сите грижи на граѓаните“, порачуваат од здружението.
Според нив, легалните игри на среќа годишно носат повеќе од 350 милиони евра буџетски приходи и претставуваат еден од најголемите приватни работодавачи во државата.
„Буџетските приливи од легалните игри на среќа во Македонија одамна надминаа 350 милиони евра на годишно ниво што е еднакво на најмалку 6 проценти од приходната страна на актуелната државна каса. Различните приредувачи на игри на среќа на вкупна основа се најголемиот приватен работодавач во Македонија. Ние цврсто веруваме дека младината мора да биде целосно заштитена од било какво потенцијално влијание евентуално да создаваат недозволени навики за играње. Но, уште еднаш предупредуваме дека е опасно да се користи популизам кој е секогаш допадлив за пошироката јавност, без да се земат предвид последиците кои неминовно ќе се случат, ако ја вратиме Македонија во 90-те години на минатиот век кога се играше со ќибритчиња на Камениот мост, а покер апаратите се криеја зад завеси во задните делови на кафулињата“.
Во соседството коцкањето и игрите на среќа се регулирани со различни степени на ограничувања. Грција, Србија и Бугарија имаат лиценцирани системи за казина, обложувалници и онлајн игри на среќа, под строг државен надзор.
Во Хрватска, каде што и Лото извлекувањата почнуваат со – „Игрите на среќа можат да предизвикаат зависност, исклучво е дозволено за полнолетни лица“, пазарот со казина, обложувалници и онлајн коцкање функционира со јасни правила за лиценцирање, рекламирање и заштита на играчите. Најрестриктивен модел во регионот има Албанија, која по воведувањето на значајни ограничувања во 2019 година воспостави силно контролиран систем, а тогаш и Косово воведе забрана за поголем дел од игрите на среќа, по што регулативата е исто така мошне рестриктивна.
Аналитика








